Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска на заедничката прес-конференција со македонскиот колега, Димитар Ковачевски, во врска со уставните измени во Македонија, апелираше да се најдат решенија кои ќе бидат својствени за земјава и порача дека сега е моментов нашата држава, штитејќи го националниот интерес, идентитет и јазик, да ја засили динамиката во евроинтеграциите.
„Тој момент е сега и треба да се искористи. Сега Северна Македонија може да го забрза процесот. Време е за повлекување на вистинските потези и стратешки одлуки“ – рече Пленковиќ.
Хрватскиот модел на Устав го коментираше и Ковачевски, па според кого, потребен ние е консензус за прашањето за нашето членство во ЕУ.
„Опозицијата бара хрватски модел, една друга партија спомена швајцарски модел, но нас ни треба модел кој ќе одговара на македонското општество и на нашите закони. Јас сум за тоа да донесеме уставни измени со кои ќе ги отвориме кластерите и ќе станеме земја членка на ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и со заштитена култура и идентитет“ – рече Ковачевски.
Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека не е потребна лидерска средба за уставните измени, бидејќи средба во таков формат веќе имаше во декември лани.
„На таа средба сите лидери на политичките партии се сложија за потребата од носење уставни измени, освен еден кој молчеше и двајца кои не дојдоа. Затоа нема потреба од лидерска средба бидејќи ставовите се познати. Лидерска средба не е институционален формат за дебата за уставни измени. Таа дебата треба да е структурирана, а не да се води на телевизиски дебати или кога се пуштаат канализациски цевки“ – изјави Ковачевски.