Пленковиќ: Решение за Украина не може да се бара без Киев и ЕУ

by Fokus

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави денеска во Брисел дека решение за Украина не може да се бара без Киев и без Европската унија, а конечното решение не смее да ја награди Русија како агресор.

Пленковиќ им рече на новинарите, во пресрет на европскиот самит за поддршка на Украина и зајакнување на европската одбрана, дека „Украина не смее да биде принудена на половина капитулација со губење на својата територија“.

„Не смее да се понижува досегашната политика на Западот и на Европската унија во овој контекст, и дипломатски и политички“, рече Пленковиќ.

Тој повтори дека Хрватска може да го понуди своето искуство во водење мировни преговори и враќање на окупираните територии во процесот на мирна реинтеграција, пренесува Танјуг.

На прашањето што ќе се случи доколку унгарскиот премиер Виктор Орбан или неговиот словачки колега Роберт Фицо ги блокираат заклучоците за Украина, Пленковиќ рече дека најверојатно ќе одат на планот Б, кој е за претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, да ги објави заклучоците што се прифатливи за мнозинството со поддршка на преостанатите 25 или 26 лидери на земјите-членки, пренесе Хина.

 

Поврзани новости