Пленковиќ пред македoнските пратеници: Најдете начин и политички сили за да го забрзате патот кон ЕУ

by Fokus

„Хрватска има најсилна, конкретна и континуирана поддршка за евроинтеграциите на Македонија, ве охрабрувам да најдете начин и политички сили и да го забрзате патот кон Европската Унија“.

Ова е пораката што на македонските пратеници во Собранието им ја упати хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Тој иако конкретно не ги спомене уставните измени, рече дека има разбирање за фрустрациите на граѓаните од неправедните блокади во минатото, но потенцира дека проширувањето на ЕУ сега е многу важно поради војната во Украина.

„Она што сметам дека би било добро е да се постигне консензус зад кој може да застанат сите. Зад кој може да застане народот пред сѐ и нивните политички претставници. Без оглед што овде се споменува хрватскиот модел, јас повторувам дека на политичките партии и институции во Македонија е да најдат модел за уставни измени и најдобри решенија кои се својствени за Македонија“ – изјави Пленковиќ.

По билатералните средби со премиерот Ковачевски, Пленковиќ беше и на Вила Водно каде имаше средба и со претседателот Стево Пендаровски.

Според најавите тој ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Поврзани новости