Постигнувањето каков било мир не е решение за војната во Украина, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, коментирајќи го телефонскиот разговор меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин за завршување на војната во Украина.
Пленковиќ ова го изјави на состанокот на Владата на Хрватска и во пресрет на одење на 61. Минхенска безбедносна конференција, на која секако ќе доминира иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за преговори за ставање крај на војната во Украина.
Тој додаде дека од Минхен треба да се испрати порака за неопходноста од праведен мир во таа земја, пренесе Хина.
„Особено е важно, имајќи ги предвид учесниците на конференцијата, да се испрати порака за неопходноста од праведен мир во Украина, имајќи ги предвид серијата разговори што во моментов се водат. Посебно мислам на разговорите меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин“, рече хрватскиот премиер.