Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ го разреши министерот за одбрана Марио Баножиќ, откако утрово предизвика тешка сообраќајна несреќа во која загина маж (40), татко на две деца.
Пленковиќ најпрвин изрази сочувство за загинатиот возач на комбе, рече дека му е жал за него и неговото семејство, но и за министерот кој е тешко повреден.
-Изразивме сочувство до семејството на господинот Шариќ. Во контакт сме со сопругата на министерот Баножиќ, рече тој.
-Го разрешив Баножиќ, откри Пленковиќ и додаде дека овластил друг државен службеник да ја врши должноста министер за одбрана.
-Лицата кои се заштитени лица од втора категорија имаат правило дека можат сами да возат. Тој го управувал своето приватно возило. Одел приватно. Подобро е заштитените лица да ги возат професионалци. Ова беше ситуација кога викендов возел сам и дошло до тешка сообраќајна несреќа, рече тој.
-Ќе најдеме начин да му помогнеме на семејството на г-дин Шариќ, рече тој.
На новинарското прашање дали се точни информациите што се појавија дека Баножиќ бил на забавата синоќа и дали се готови анализите на неговата крв, тој рече дека нема информации каде бил синоќа.
Инаку државното обвинителство излезе со информации дека хрватскиот министер ја предизвикал несреќата. Констатирано било дека министерот возел од правец на Винковци и почнал да престигнува камион без да провери дали е безбедно, а несреќата се случила кога удир во комбе кое се движело од спротивна насока.
-Возачот на комбето загина, додека возачот на автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во болницата во Винковци, а подоцна и во Осиек, додаде таа. Таа изјавила дека земале примероци од крв и урина за да утврдат присуство на алкохол, но резултатите се уште ги немаат.
Таа не можеше да открие со која брзина се движел министерот Баножиќ или во која насока ќе оди извештајот. Таа потврди дека двајцата возачи биле врзани и дека имаат еден сведок, камионџијата, кој бил сослушан.