„Доколку рускиот претседател Владимир Путин, по кого Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење, дојде во Хрватска, тој ќе биде уапсен во согласност со процедурата предвидена со закон“ – изјави во Брисел хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Хрватска пристапи кон статутот на Меѓународниот кривичен суд и беше донесен закон за соработка со тој суд.
„Тој закон ги предвидува сите процедури во случај да има налог за апсење на лице и, колку што знам, таму не важи имунитетот. И секако би реагирале хрватската полиција и надлежните органи“, рече Пленковиќ одговарајќи на новинарско прашање.
Пленковиќ истакна дека ваквата посета „впрочем не е реална“.
„Не верувам дека толку брзо ќе отиде во земјите потписнички на Римскиот статут“, рече тој во Брисел.