Плацевите на Груевски проценети на 5,8 милиони евра!

by fokus

Неверојатни 5,8 милиони евра вредат градежните земјишта на Водно, а кои беа конфискувани од екс премиерот Никола Груевски со пресудата за ,,Плацеви на Водно”, а по обвинение на обвинителката Лиле Стефанова.

Станува збор за поголема парцела од 11.000 квадрати (поделена на три дела) и еден плац од 2.700 квадрати.

,,Фокус” побара одговор од Агнцијата за управување со одземен имот дали е направена проценка на вредноста на земјиштата, од каде што ни одговорија дека вкупната вредност е приближно 5,8 милиони евра.

-Станува збор за одземен имот, градежното земјиште кое се наоѓа во КО Центар 2, пристигната e процена изготвена од страна на Бирото за процени и истата е во износ од 354.998.700 денари, ни одговори директорката Ирена Илиевска.

Ова значи дека по направената проценка на вредноста, наскоро имотот ќе треба да се огласи за продажба. Како што појаснува диркторката Илиевска, продажбите се запрени бидејќи треба да се донесе нов Статут од Владата, а потоа и да се изработат нови правилници.

Слободно може да се заклучи дека за неколку години овој имот значително ја зголемил вредност, бидејќи беше проценет на помала сума додека траеше судскиот процес.

Едно од земјиштата кое ќе се најде на продажба е и онаа на кое Груевски планирал да гради барокен замок.
Ова земјиште од околу 2.700 квадратни метри се наоѓа во близина на резиденцијата на Вилма Трајковска на Водно, а на јавно наддавање го купила фирмата „ИТК Инженеринг“, но за тогашниот премиер.

Но, сепак, најголем е интересот за тоа во чии раце ќе заврши огромниот плац, од 11.000 квадратни метри, над „Панорама“ на Водно. Се очекува да има голем интерес од македонските бизнисмени, бидејќи само тие ќе можат да си го дозволат.

За него битка водеше и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, но на крајот остана со празни раце.
Ниту Апелација не му поверува дека, во 2019 година, го купил, за цена од 1,8 милиони евра, за да гради куќа, туку ја потврди тезата на обвинителката Стефанова дека станувало збор за фиктивна продажба, со цел да не се дознае вистинскиот сопственик.

Обвинителството тврдеше дека овој плац е во тајна сопственост на Груевски, кој го купил со 1,3 милиони евра партиски пари.

На продажба ќе одат и петте одземени станови од Груевски, за кои проценката беше направена уште минатата есен.
Вкупната вредност на апартманите е 1,9 милиони евра, од кои три се наоѓаат во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно.

Валентина Вурмо

Поврзани новости