Тензично и нервозно започна денешното судско рочиште за случајот “Плацеви на Водно” откако Обвинителство најави дека ќе го презентира Доказот 90, доказ кој го следи патот на парите со кои, според обвинителството, обвинетите купувале плацеви на атрактивна локација во скопската населба Водно, пренесува ТВ 24.
Одбраната побара овој доказ да биде презентиран откако ќе го добијат вештачењето. Но, не само тоа. Адвокатите тврдат дека овој доказ е незаконски обезбеден.
Обвинителката Лиле Стефанова категорично ги отфрли обвинувањата на одбраната со образложение дека комуникацијата на приватниот мејл не е собирање докази, туку барање за собирање докази и дополнување на тие барања. Доказот 90 содржи документи обезбедени со меѓународна правна помош која може исклучиво да ја води Министерството за правда на Македонија.
А во документите испратени од неколку кипарски институции е наведено која компанија, во кој период и на кој начин префрлале пари од една во друга фирма. Во документите има и податоци за сопственичката структура на фирмите во кои се вклучени и дел од обвинетите.
„Кога се доставува замолница за меѓународна правна помош, а до Министерството за правда тогаш се остава телефонски број и e-mail адреса на надлежниот обвинител со кој странската држава од која се бара помошта евентуално би комуницирал доколку тоа е неопходно. Тоа ја забрзува постапката и не се губи време на долгите дипломатски процедури.“ – вели Лиле Стефанова.
Со презентацијата на Доказот 90 заврши изведувањето на материјалните докази на обвинителството по што почна сведочењето на првиот сведок, адвокатот Лазар Бошњаковски од Скопје, кој бил првиот контакт помеѓу сопствениците на земјиштето и посредниците со обвинетите кои сакале, а подоцна и го купија атрактивното земјиште на Водно.