Додека сме во очекување да се расчисти политичка магла, како да заборавивме на загадениот воздух што до пред неколку недели ни беше топ тема и преставуваше сериозна закана за нашето здравје.
И сето тоа, се скри под снегот, студот удри, маглата се расчисти, а ние останавме со телефоните во рака, одвреме на време проверувајќи колку и дали уште е загаден воздухот. Да, воздухот е загаден, ќе биде загаден и ќе продолжи тоа, ако навистина не преземеме нешто. Ако не направиме една платформа за чист воздух. Во оваа платформа барем не мора да ставаме национални интереси со слични услови што ќе застапуваат една, две или повеќе етнички групи. На пример, тука е едноставно, таа платформа ќе има можност да ги обедини сите оние што го дишат воздухот. Загадениот воздух не познава Македонци и Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби и Корејци. Тоа може да биде платформа за сите комуњари, соросоиди, стари и нови вмровци, патриоти, предавници, антички Македонци, гдомци. Не познава ниту партии, но може да познае граѓанска свест и активност.
Со будењето на свеста, а потоа и со преземањето на веќе зададени мерки и препораки којшто ќе бидат поставени во еден долгорочен план, па можеби нема веднаш да го исчистиме загадениот воздух, но за следната година би имале шанси да го намалиме. И ако навистина сакаме тоа да направиме, мора уште од сега да почнеме, со идеи, со препораки, со планови.
Плус во прилог се локланите избори, таму може да притиснеме, можеме да придонесеме како граѓани, како заедница за нешто да ни биде подобро, сами да си го побараме затоа што и сами тука живееме. Лежерноста, лефтерноста, незамарањето не убиваат. Затоа, еве испраќам јавен апел до сите оние еко активисти, што активно работат на овој сериозен проблем, да изготват долгорочна платформа за чист воздух, па потоа сите ние ќе помагаме, ќе агитираме, ќе насочуваме, ќе дополнуваме со цел таа да се оствари и ни биде од корист за следните години.
Тоа што не го гледаме, мислиме дека не е тука. Спиеме, наместо сега да почнеме да се будиме. За нас и нашите деца ова е битно прашање што мора да се реши! Ова може само да биде еден текст со обичен апел, но може и да ви биде повод за чисто размислување што и како понатаму со загадениот воздух. Оставам на вашата еко свест.