Вкупно 100.000 граѓани кои се невработени и кои немаат месечни приходи над 15.000 денари ќе можат да добијат платежна картичка со 9.000 денари за македонски производи, најави техничкиот премиер, Оливер Спасовски на денешната прес конференција на која го претстави третиот пакет економска помош.
Оваа платежна картичка може да се користи само за домашни компании, производи и услуги и во период од 30 дена.
Исто така најави туристички ваучери, ваучери за млади и други мерки за да се поттикне потрошувачката.
За овој пакет издвоени се 355 милиони евра, а ќе можат да ги искористат 730.000 корисници.
Натаму, Спасовски објави дека 100.000 граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и и домашна платежна картичка од 3.000 денари, со цел јакнење на домашниот туризам. Оваа мерка ќе можат да ја користат сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари и немаат други приходи. Ваучерот, појасни, ќе може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а со платежната картичка се поттикнува купување домашни производи и услуги.
Спасовски најави и помош за 100.000 млади луѓе во износ од 12 милиони евра, што ќе можат да ги искористат преку повеќе видови помош. Парична поддршка до 6.000 денари, платежна картичка од 3.000 денари и картички и ваучери за обуки во ИТ секторот и партиципација за универзитет и за сместување во ученички и студентски домови.
Паричната поддршка од 6.000 денари се однесување за покривање на партиципација во Универзитет, или за сместување во ученички или студентски домови.
Оваа мерка за млади, како што рече Спасовски, вклучува и ваучери од 30.000 денари за кофинансирање обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади, со што ќе бидат финансиски поддржани да стекнат знаења и вештини од областа за информатичката технологија кои ќе им овозможат брзо вработување.
– Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани, преку поевтини цени за граѓаните. Поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство, посочи Спасовски на прес-конференција.