Платени демократи

by Фокус

Во трка за пари од западни извори, млади шовинисти побрзаа да отворат центри за мултиетничка демократија и склучија пакт со довчерашните непријатели, канејќи се едни други на конференции, заборавајќи на вистинските луѓе. Нека остане запишано дека демонизирањето на францускиот предлог е неславна епизода од работата на „невладините“ во Македонија

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Пред повеќе години, сјајниот уметник, карикатуристот Дарко Марковиќ ме изненади со моја карикатура пропратена со едно незаборавно писмо. Ќе кажам нешто за карикатурата. На неа сум прикажан во стоечка положба како говорам, целиот заплеткан со жици и микрофони.

Марковиќ го „фатил“ моментот. Тоа беше време кога, про боно, пишував и по неколку текстови неделно за „Плусинфо“ и, така да речам, не можев на раат да се избричам изутрина од телефонските повици на новинарите, мнозина мои некогашни студенти.

СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ

Знаев: финансирани од фондови на ЕУ и на САД, новинарите чувствуваа обврска да пренесуваат ставови од Македонија што се „проевропски“ и „проамерикански“.

Тоа беше особено јасно кај некои повозрасни македонски новинари, кои, за хонорар, правеа прилози за странски медиуми со мене, додека за домашната публика и домашните редакции одбираа не толку „европски“ соговорници.

Немав никаков проблем да бидам „искористуван“, затоа што ставовите не беа ни „европски“, ни „американски“, туку беа лично мои и на никој друг. Чувствував обврска дваесет и пет години, со разни генерации новинари, да го туркам Сизифовскиот камен наречен „името“, иако разговаравме и за сите светски настани.

Во тие години, ситуацијата околу „името“ постојано се менуваше, а цената на компромисот растеше. Постојано ги прилагодував моите кажувања на новите ситуации. Никогаш не реков: „Ех да ме послушавте мене, ќе платевме далеку помала цена“ зашто такви зборови немаат никаква смисла во една демократија.

Дека правилно сум постапувал, видов од последното интервју на Кисинџер, во кое тој се залага за прием на Украина во НАТО по завршувањето на војната. Новинарот го потсетува дека не така одамна се залагал за неутралност на Украина. Точно, вели Кисинџер, тогаш целта ми беше да не дојде до ова што имаме денес, до војна. Сега, заклучува, состојбата е поинаква и еве го моето (поинакво) мислење.

Ако е нешто неевропско, тоа е ограничувањето на слободата на изразување, рече некни претставничка на невладина организација со европска агенда, во опозиција на критиката за работата на невладините од претседателот на државата Пендаровски. Тоа е точно, но и поведението на невладина организација може да биде „неевропско“.

ЗАНЕМЕА ТЕЛЕФОНИТЕ

Пред три години, по еден мој обид да дадам свое непопуларно мислење за македонско-бугарската тема, занемеа телефоните. Занемеа не само за бугарската тема, туку за сѐ.

Невладините и другите организации финансирани од Запад, раководени од домашен кадар, ја напуштија „европската“ и „американската“ политика и ја заменија со лична, согласно нивните гледања на работите. Така, на личен, пример видов како, со европски пари, почна да се води антиевропска политика во нашата држава.

Особено кога мерка за тоа што е „европска“ и „американска“ политика во Македонија во однос на Бугарија, стана францускиот предлог. Ако некому не му беше јасно ова кога се појави предлогот, денес, по сите изјави од врвовите на американската и европската политика би требало секому да му е јасно.

Но, челниците на невладините и други организации во нашата држава си го кажаа веќе зборот, и тоа многупати. И не само што се изјаснија против францускиот предлог, туку им го ограничија зборот на оние со спротивното мислење. Секој по малку, секој во својот атар. Така се затвори, безмалку, целиот простор за дијалог.

Затоа, во право е претседателот. Всушност, тоа е испитот на кој паднаа „невладините“, а не фактот дека имаат право да мислат поинаку. Тие си го задржаа своето мислење „против“ и продолжија непречено да го афирмираат со европски пари, стеснувајќи го просторот за оние кои се „за“.

Направија штета зашто само преку нивната посветеност на слободен и отворен дијалог и со оние „за“, ќе можеше да се дојде до сознанието до кое сум дошол самиот јас.

Имено, дека францускиот предлог, всушност, е „булдожер дипломатијата“ со која големите сили ја пробија бугарската блокада. Имено, Бугарија беше на пат да ја повтори „грчката приказна“ и ќе го стореше тоа да можеше. Тоа не ѝ беше дозволено.

НЕ Е СЀ ТАКА ЦРНО

Во новите меѓународни околности, грчкиот метод не помина. Претседателот на Бугарија, Радев може да тврди дека свртувањето од Гоце Делчев и Самуил на човекови права за македонските Бугари е негова одлука, зашто никој во Европа не разбирал за што и за кого станува збор, но факт е дека ветото е најсигурниот инструмент да се принуди држава аспирант на отстапки, додека сѐ друго е отворено за дебата. Никој од ветото не се откажува доброволно.

Кога се формираа првите невладини организации кај нас, се прашав јавно како ќе ја извршуваат задачата „платени демократи“. Во трка за пари од западни извори, ме загрижи што млади шовинисти побрзаа да отворат центри за мултиетничка демократија или што по етничкиот конфликт од 2001 година тие склучија пакт со довчерашните непријатели, канејќи се едни други на конференции, а заборавајќи на вистинските луѓе.

Затоа, нека остане запишано дека демонизирањето на францускиот предлог и создавањето непријателска атмосфера е неславна епизода од работата на „невладините“ во Македонија. А сепак, не е сѐ така црно.

Една невладина организација, бугарската секција на Клубот за бугарско-македонско пријателство во Софија се подготвува за нов пробив преку границите на нашите умови.

Во писмо ги информира своите членови дека „се навршуваат 80 години од убиството во 1943 година, без суд и пресуда, на дванаесет младинци од месноста Чаир до македонското село Ваташа. Бидејќи тоа се случило за време на бугарското владеење и е извршено од бугарската војска, Клубот за бугарско-македонско пријателство излегува со иницијатива за поклонение на паметникот до Ваташа“.

Поврзани новости