„Пластичарска“ ќе се проширува следните шест месеци, Шилегов со апел граѓаните да покажат разбирање

by fokus

Следните шест месеци делот на улицата „Никола Карев”, односно „Пластичарска”, од касарната „Илинден” до Момин Поток ќе биде под интензивни градежни работи заради понатамошното проширување на овој булевар. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска изјави дека со изградбата и реконструкција оваа улица ќе има вкупно четири коловозни ленти, средишно зеленило и мешани велосипедски и пешачки патеки од двете страни.

– Овде ќе биде извршена целосна реконструкција и на подземната инсталација на сите оператори коишто работат со цел да избегнеме нејзино прекопување, целосно обновување на атмосферска, односно поставување на атмосферска канализација која што досега сме ја немале. Еден сериозен градежен зафат којшто подразбира дека кога ќе го работиме и ридот кај касарната „Илинден“ ќе изработиме и потпорен ѕид во должина од околу 690 метри, изјави Шилегов.

Тој упати апел до граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа делница и да ги следат информациите за привремен режим на сообраќај што ги објавува Градот Скопје.

Вредноста на договорот за оваа фаза изнесува околу 160 милиони денари со вклучен ДДВ.

Поврзани новости