Планинар доживеал срцев удар на Шар Планина, па со хеликоптер пренесен на Клинички центар

by Fokus

Планинар кој наверојатно доживеал срцев удар додека се движел со група на релација Бозовце – Скакаличко езеро, денеска со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи од Шар Планина е однесен на скопските клиники.

Како што соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, член на планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово во 11 часот се јавил во полиција и информирал дека на еден учесник на планинарската тура од Куманово му се слошило.

-Планинарите според симптомите востановиле дека се работи за срцев удар. Затоа се јавиле во МВР, а поради оддалеченоста на Шар Планина побарале од полицијата да испрати летало за да се овозможи итна лекарска помош, изјави Јосифоски.

По дојавата, од МВР е испратен хеликоптер, а полициските службеници по пристигнувањето на посочениот предел на Шар Планина успеале да ја лоцираат групата. Планинарот кој давал знаци на живот е пренесен во Клиничкиот центар во Скопје.

Неодамна СВР Тетово и Отсекот за превенција организираа едукативно информативни средби со планинарски друштва во Тетово и Гостивар за да се подобри соработката при изведување планински тури. За полицијата е особено важно планинарските друштва да информираат за денот, местото и дестинацијата на одвивање на турите.

Поврзани новости