По се поизвесниот влез на Алијанса за Албанците во владата на СДСМ и ДУИ, се разгоре нивниот конфликт со ВМРО-ДПМНЕ, со кои имаа соработка на последните локални избори.
-Јас овој Арбен Таравари не го препознавам. Познавам еден друг Таравари и навистина ми е жал што го гледам во вакво издание. Една од најсмешните тези е дека влегува во Владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во Владата заради математика. Сега дали математиката е бурек или нешто друго треба самиот да одговори, но јасно е дека сакаат да влезат заради математика. На крајот, тоа е нивна или негова одлука, можеби е уценет има и такви работи коишто се слушаат во политичката чаршија, но јас не би сакал да шпекулирам повеќе од ова – изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Од АА, пак, возвратија дека тие се виновници за лошите состојби во кои се наоѓа државата.
„Ги повикуваме Николовски и другите како него да се отрезнат и да размислат, бидејќи лидер на македонската опозиција, според анкетите на ИРИ, е Никола Груевски. Тоа се должи на нереформираната партија во нејзината идеологија и кадровско управување и ова е срам за македонската политичка сцена. Вие сте, исто така, виновници за изолацијата на земјата во овие 10 години, правејќи ја неиздржлива за живеење и за над 700.000 раселени луѓе. За среќа, вашата реторика замина во азил и со овој пристап останувате фактор на нестабилност за Северна Македонија. Не го хранете македонскиот граѓанин со поезија, барајте помош за да излезете од калта во која ве потона Левица“, реагираа од Алијансата.