Плаќаш за пасош по брза постапка, три недели не можеш да го земеш – МВР негира

by fokus

Проблемите и гужвите пред пасошкото одделение во Министерството за внатрешни работи продолжуваат, а граѓаните се жалат дека не можат да стигнат на ред за да си ги земат личните документи. Читателка на Фокус сведочи дека веќе три недели чека да го подигне пасошот за којшто платила речиси 5.000 денари за да го извади по брза постапка.

Откако се јавила да закаже за сликање по редовна постапка добила термин за два месеца, па ги прежалила парите и побарала пасошот да го обнови по брза постапка. За вадење пасош по брза постапка термин за фотографирање и закажале истиот ден вечерта и и рекле дека пасошот ќе може да го подигне веќе следниот ден во 11 часот. Но, следниот ден кога стигнала пред пасошкото одделение на МВР ја чекало непријатно изненадување.

-Кога видов „митинг“, луѓе чекаа од пред скалите на МВР до влезот. Сите еден до друг без маски. Кога прашав каде може да го подигнам пасошот преку брза постапка, луѓето ми кажаа дека сите чекаат за вадење пасош по брза постапка, раскажува жената за Фокус револтирано.

Чекала некое време, но редиците не се поместувале, а морала да се врати на работа па отишла следниот ден попладне, надевајќи се дека нема да има толку голема гужва, но секој ден ја дочекувала истата слика и откако се сликала веќе три недели не може да си го земе пасошот за којшто платила дупло повеќе за да го земе побрзо.

Од Министерството за внатрешни работи категорично негираат дека оној кој платил повеќе пари за да извади пасош по брза постапка не може да си го земе пасошот три недели, бидејќи законскиот рок за изработка на пасошите по итна постапка е 48 часа. Од таму велат дека периодов навистина има поголем број на поднесени барања за издавање на пасоши, но ги повикуваат граѓаните да бидат трпеливи и да го чекаат својот ред за да си го земат документот. Исто така ги повикуваат да им напоменат на шалтерските работници дека уплатиле за патна исправа по брза постапка.

Гужва за вадење на пасоши имаше и во јуни кога на два пати се вршеше миграција на податоци, а последниот пат се мигрираа податоци на новиот надграден систем, за да почне издавањето на лични документи со новото уставно име.

Фото: Архива

Поврзани новости