Пивофест Прилеп, сепак ќе има!

by fokus

Традиционалната манифестација Пивофест Прилеп 2023, сепак ќе се одржи.
Како што потврдија за ,,Фокус” од Општина Прилеп, настанот ќе трае од први до трети септември, а детали околу тоа кој ќе биде организатор, кои се главните музички ѕвезди, но и со колкав буџет годинава општината ќе ја поддржи манифестацијата, најавија во текот на наредната недела.

Пред помалку од два месеци од општината се огласија со соопштение и открија дека манифестацијата годинава нема да се одржи, бидејќи здружението кое се пријавило како потенцијален организатор на Пивофест, немало јасна финансиска конструкција, ниту пак програма за реализација, која би гарантирала професионална организација за настан од вакви размери.

Според информации на ,,Фокус”, зад пријавеното здружение стоел Пеце Стоикоски, чија Арт10 Продукција минатата година го организираше настанот. Се уште нема детали која продукција официјално ќе застане зад Пивофест во септември.

Од општината тогаш потенцираа дека тие никогаш не биле организатор на Пивофест, туку само поддржувач. Истакнаа дека планирале да ја поддржат манифестацијата со сума од еден милион денари од Буџетот наменет за култура, кој годинава изнесувал четири милиони денари.
Првично, Пивофест Прилеп требаше да се одржи на средината на месец јули.

Вики Клинчарова

Поврзани новости