Пивофест нема да се одржи оти организаторот немал јасна програма, ниту финансиска конструкција за професионална организација!

by fokus

Традиционалната манифестација Пивофест Прилеп 2023 нема да се одржи, иако беше најавена со датум од 13-ти до 16-ти јули.

Годинава како организатор на настанот се пријавило само едно здружение. Според информации на ,,Фокус” станува збор за здружение зад кое стои Пеце Стоикоски, чија Арт 10 продукција минатата година го организираше фестот.

Во телефонски разговор за ,,Фокус” пред неколку недели тој откри дека годинава се работи за Совет на фестивалот Пивофест 2023, кој ќе биде организатор, а во кој членувале повеќе лица, но се до финализирањето на деталите, не смеел да ги открива нивните имиња.

Околу тоа зошто годинава е откажан фестивалот, од Општина Прилеп се огласија со соопштение, во кое посочуваат дека здружението кое се пријавило како потенцијален организатор не можело да гарантира професионална организација на настан од такви размери.

-Во пресрет на традиционалниот датум за организација на Фестивалот на пивото, а тоа е срединатa на јули и со цел да се одбегнат сите шпекулации во јавноста, како Општина Прилеп сакаме да ја информираме јавноста за единствените факти и вистинската моментална ситуација поврзана со организирањето на оваа манифестација.
До овој момент во Општина Прилеп доставено е само едно барање од Здружение, кое што се пријави како потенцијален организатор за овој Фестивал. Истото тоа здружение нема предвидено јасна финансиска конструкција ниту програма за реализација која што ќе гарантира професионална организација на настан од вакви размери.

Би сакале да појасниме дека Општина Прилеп никогаш во минатото не била организатор туку само поддржувач на вакви манифестации што е случај и оваа година. Општина Прилеп и оваа 2023 година има предвидено да ја поддржи манифестацијата со 1 милион денари од Буџетот наменет за култура, кој што годинава изнесува 4 милиони денари.
Локалната самоуправа на општина Прилеп останува на ставот дека манифестацијата треба да се одржи, бидејќи фестивалот на пивото и скарата има културен, економски и туристички бенефит за градот.
Но, недоволната поддршка за организација на годинешниот фестивал од повеќе фактори до овој момент, влијае на одлуката за одржување или одложување на манифестацијата.
Нашата цел како Општина Прилеп е да имаме квалитетен фестивал со богата музичка понуда и содржини, па поради тоа сметаме дека треба да бидат исполнети сите предуслови за неговa беспрекорна организација и одржување- соопштија од Општина Прилеп.

Минатата година на фестот беа најзастапени домашните музички гости. Околу висината на нивните хонорари, Стоиковски ни изјави дека ќе биде транспарентен и ќе ги објави по завршување на фестивалот, но тоа не се случи, бидејќи, како што тогаш ни изјави, имал температура и не можел да зборува.

И денес тој не одговори на нашите телефонски повици со цел да ги образложи причините за откажаниот фестивал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости