Пицула: Србија треба да покаже дека е стратешки ориентирана кон ЕУ

by Fokus

Известувачот на Европски парламент за Србија, Тонино Пицула денеска во Белград изјави дека Србија треба сериозно да покаже оти е стратешки ориентирана кон Европска Унија и објективно и недвосмислено да комуницира за ЕУ.

– Сè уште постојат големи недостатоци во критичните области, како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, изборната рамка, постојаната распространетост на корупција во многу области и реформата на јавната администрација, изјави Пицула на средбата со српската министерка за европски интеграции Тања Мишевиќ.

Тој ги осуди неаргументираните обвинувања против ЕУ и нејзините земји-членки дека се вклучени во организирањето на актуелните протести предводени од студентите во Србија.

Пицула изрази подготвеност ЕП да го поддржи повторното започнување на политичките и демократските процеси поврзани со европскиот пат на Србија, „користејќи ги постоечките алатки и иницијативи за поддршка на демократијата“.

Мишевиќ наведе дека европската интеграција е клучен приоритет на надворешната политика на Белград и оти „Србија е подготвена да го искористи новиот моментум на проширувањето со исполнување на обврските за пристапување“.

Пицула во Белград е до 26 февруари и предвидено е да се сретне со заменик-претседателката на српското Собрание и претседателка на собраниската Комисија за евроинтеграции, Елвира Ковач, како и со претставници на власта, опозицијата, медиумите и невладиниот сектор.

Поврзани новости