Европратеникот Тонино Пицула, ги отфрла како невистинити и ги осуди обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вчера во интервју за Канал 5, во врска со нон-пејперот за Западен Балкан рече дека разговарал со словенечкиот премиер Јанез Јанша кој „му потврдил дека тој нема никаков нон -пејпер“ и дека за такво нешто треба да се прашаат Зоран Заев, словенечката европратеничка Тања Фајон и Тонино Пицула.
„Јас целосно ги отфрлам и осудувам обвинувањата и лагите на г. Мицкоски и сметам дека неговото однесување е доста навредливо. Како што секогаш бев, така и ќе останам силен поддржувач на територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји од Западен Балкан. Нема да дозволам господин Мицкоски да ме вовлече во неговата валкана игра. Но, мора да се каже, ова е во согласност со претходните обиди на ВМРО -ДПМНЕ да се обиде да ја нападне социјалистичката Влада на Зоран Заев и нејзините европски сојузници. Ова оди заедно со поддршката на нивните сопствени сојузници во Будимпешта, каде нивниот лидер Груевски избега од кривично гонење и во другите истомисленици во главните градови, вели тој во изјава за ТВ 24.