Откако градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, вчера информираше дека наместо за познатиот фестивал на пити и вино Питијада 2019, планираните средства за манифестацијата ќе се пренаменат за пошумување на опожарените места и опрема за пожарникарите, поп пејачот Ѓоко Ѓорчев се јави со свој предлог.
Вели дека го поздравува потегот на Коцевски, бидејќи по еколошката катастрофа која се случува во земјава, на народот најмалку треба да му биде дојдено до песна и концерти на скапи музички ѕвезди од соседството. Апелира и градоначалниците на останатите општини да го следат примерот на велешкиот градоначалник, но најави и дека тој хуманитарно ќе пее во Велес.
-Шумите, нашите бели дробови и иднината на нашите деца се во пламен, а некому му дошло до разни фестивали со пејачи кои за два часа си одат со хонорари од по неколку десетици илјади евра. Потегот на Коцевски е за почит и поздрав, да бидат и останатите градоначалници солидарни и да се откажат од општинските фестивали, барем во текот на оваа година кога се соочуваме со катастрофа од вакви размери. Нека се пренаменат средствата за пошумување, па и купување на авиони за гаснење на пожар, мора да се спречи ваква хаварија во иднина – вели Ѓорчев.
Додава дека му е јасно како Питијадата значи многу за голем број на угостители од градот, па затоа решил хуманитарно да настапи на настанот. Ги повика и своите колеги кои би сакале да му се приклучат, да ја покажат хуманоста на дело.
-Јас од се срце ќе пејам пред велешани хуманитарно. Доколку општината ни обезбеди озвучување, може да направиме голем хуманитарен концерт. Нашата естрада е хумана, верувам дека и многу мои колеги ќе ја прифатат оваа моја идеја и ќе дадат свој придонес.
Нека се постават кутии за донации, да се сплотиме и да помогнеме да се обнови шумата во Велес. Можеме да имаме убав настан и без ниту еден потрошен денар од буџетот, се надевам дека градоначалникот Коцевски ќе го разгледа и прифати мојот предлог. Да ја направиме најголемата Питијада до сега, да излеземе сите ние од нашата естрада, да пееме заедно за иднината на нашите деца – повика музичарот.
Ѓорчев, кој на сцената е присутен речиси три децении, вели дека е разочаран од тоа колку многу внимание им се посветува на пејачите од регионот, посебно за време на општински манифестации. Смета дека се преценети и како оваа практика, средства од буџетот да се излеваат во џебовите на странските пејачи, додека во нашите општини недостигаат основни средства за нормално функционирање, мора да се промени.
-Немам ништо против колегите од соседството, има помеѓу нив професионалци со многу хитови. Но, ова не е време кога народни пари треба да се расфрлаат за скапи музичари. Имаме многу приоритетни работи во секоја општина, па затоа и останатите градоначалници да размислат како ќе ги трошат народните пари. Во период кога нашата земја гори, не треба да има дилема каде да се пренаменат средствата. Но, и да не беа пожарите, кога во училишта и болници има потреба од било какво вложување и реновирање, зарем треба да се размислува што е приоритет? Се надевам дека Аце ,,ќе завлече нога” и неговите колеги ќе тргнат по неговиот пример – порача Ѓорчев.
Ги повика неговите колеги кои што се согласуваат да пејат хуманитарно на манифестацијата да го контактираат, со цел да ги договорат деталите.
Манифестацијата Питијада во Велес традиционално се одржува во октомври. Лани за ,,Фокус” Коцевски откри дел од хонорарите кои ги добивале пејачите кои гостувале во минатото, кога градоначалник беше Славчо Чадиев.
-За настапот на Здравко Чолиќ, со платен данок, исплатени биле 49.884 евра. Во изминатите години, за музички гости се исплатиле огромни суми. Бидејќи се работи за општински настапи и јавноста има право да знае каде се трошат парите од буџетот, дел од сумите се следниве, за Рибља Чорба 7.713 евра, за Жељко Јоксимовиќ 29.774 евра, за Каролина 12.448 евра, за Парни Ваљак 28.856 евра, за Калиопи 5.650 евра, заедно со пресметан данок – ни изјави градоначалникот. Тогаш исто така порача дека во Велес додека тој е на чело на општината, нема да настапуваат скапи музички ѕвезди.
Лани за Питијадата, програмата за трите вечери со наши музичари изнесувала 24.323 евра.