15-месечно момче загина денеска откако било нападнато од два питбула во градот Камполонг кај Салерно, јави АНСА.
Претседателот на општината Еболи, која му припаѓа на Камполонг – Марио Конте изјави дека кучињата го нападнале детето додека било во прегратките на мајка си.
„Утринава имаше напад од куче врз дете, кое беше во прегратките на мајката, барем така ми беше кажано. Кучињата буквално и го откинаа детето од раце и го измачуваа”, рекол Конте.
Тој објасни дека ветеринарната служба ќе ги одземе двете кучиња, кои не се на семејството на детето, туку на друго, кое живее во соседството.
Конте додаде дека станува збор за „страшен напад“ и дека иако вујкото на детето интервенирал и се обидел да го спаси детето, ништо не можело да се направи.
„Никој не може да објасни како се случило, бидејќи кучињата секогаш биле таму, во соседството. Тоа е трагедија за целата заедница и мора да биде предупредување за оние кои имаат такви кучиња“, додаде градоначалникот.
Изворите додаваат дека и мајката се здобила со повреди додека се обидувала да го одбрани детето.