Питачите го открија граничниот премин Богородица: Овде се печали повеќе отколку во градот!

by Fokus

Дај ми нешто за детето, живти све, дај нешто, здравје да имаш – со овие зборови неколку жени, Ромки, со бебиња во рацете ги пречекуваат патниците од земјава, но и од странство, кои чекаат за излез од земјава и влез во соседна Грција, на граничниот премин Богородица.

Изложени на жештината, врткајќи се околу колоните со автомобили, среде гужвите и во ек на пандемија, малите деца, односно бебиња стиснати во рацете на нивните мајки, најчесто предизвикуваат жалење кај патниците, па откако мајката ќе им затропа на автомобилскиот прозорец и со плачлив глас ќе им побара пари, тие неретко се решаваат да и остават некој денар.

Во случајов, на граничниот премин, најчесто по некое евро, од туристите од разни земји кои се упатиле на летување во Грција или пак Турција.

Младите Ромки се овде од неодамна. Не кажуваат од каде се дојдени, но не кријат дека на граничниот премин добиваат повеќе пари, отколку кога питачат на некоја крстосница во град. Да има за леб, за млеко, велат.
Наводно, странците се поемотивни, имаат повеќе сожалување, а оставаат и повеќе пари од нашинците.
Со сликата на измалтретираните бебиња среде горештините и метежот, во раце на нивните мајки, кои ги користат за питачење, туристите ја напуштаат нашата земја.

Нема одговор како и зошто се дозволило тоа, кога спред Законот за семејство, користење на дете за питачење или пак наведување на дете да питачи, се смета за злоупотреба и занемарување на вршењето на родителските должности. Се наметнува прашањето, дали овие жени со децата во раце, кои од неодамна го ,,окупирале” граничниот премин се невидливи за надлежните служби, па се оставени слободно да питачат.
Според закон, за сите затекнати деца кои питачат или родителите ги користат за питачење, МВР треба да го извести Центарот за социјална работа.

Официјалните податоци од Заводот за социјални дејности откриваат дека се евидентирани над 80 деца кои питачат во земјава, а најмногу од нив, над 60, се во Скопје. Останатите се од Кичево, Битола, Куманово, Кавадарци, Прилеп, Велес и Гостивар. Од Гевгелија, која е во непосредна близина на ГП Богородица, нема евидентирано деца кои питачат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости