Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска соопшти дека нема да се кандидира за канцелар на земјата на претстојните вонредни избори и најави дека ќе ја поддржи кандидатурата на германскиот канцелар Олаф Шолц за реизбор, пренесе Дојче веле.
Според извештаите, во видеото објавено на страницата на германската Социјалдемократска партија, Писториус рекол дека му соопштил на раководството на партијата дека „нема да биде достапен да биде кандидат на таа партија“.
– Ова е моја и само моја лична одлука. Последниве недели, повторно и повторно го потенцирав тоа и го повторувам што е можно појасно: Во Олаф Шолц имаме одличен канцелар. Тој ја предводеше коалицијата, која би била предизвик дури и во нормални времиња, преку веројатно најголемата криза во последните децении“, рече Писториус.
Според вчерашната анализа на „Политико“, Писториус е најпопуларниот политичар во Германија, додека актуелниот германски канцелар Олаф Шолц е меѓу најмалку популарните.
Писториус е познат по неговите релативно тврдокорни ставови кога станува збор за обезбедување на оружје за Украина и проширување на германската војска, што според Политико, „не е нужно природно соодветен“ за партијата која традиционално се обидува да ги одржи врските со Москва и останува скептична за употребата на воена сила.
И покрај тоа, многумина во СПД тврдат дека Писториус е единствениот кој може да ја спаси партијата од тежок пораз на предвремените избори во Германија, што се очекуваат на 23 февруари, по падот на трипартиската коалиција на Шолц на почетокот од овој месец.