Писмо од 6-годишно девојче до Груевски, сега адресирано до Заев: Се плашам да не ни умре Охридско езеро

by fokus

Пред нешто повеќе од три години шест-годишно девојче напишало необјавено писмо до тогашниот премиер, Никола Груевски, во кое објаснува зошто не треба да се изгради хотел во Лагадин. Бидејќи премиерот, Зоран Заев, ги разбранува активистите и охриѓани со изјавата дека ќе помогне да се догради хотелот, нешто што јавно му го вети на инвеститорот, писмото повторно станува актуелно.

Таткото на девојчето, Иван Поповски, е режисер кој живее во Москва со своето семејство, но секоја година го посетува Охрид. Тој појаснува дека криминалот за хотелот во Лагадин, како што вели, е направен не кога му е дадена дозвола за градба на инвеститорот, туку претходно, кога е противзаконски донесен Општ акт за Лагадин.

„Општ акт не може да се донесе во места каде што постоел Детален урбанистички план (кој за Лагадин постои од 1966 година). Детален урбанистички план може да се промени само со нов Детален урбанистички план, но никако со понизок документ, како што е општ акт“, вели Поповски.

Писмото на неговата ќерка, Павла, го пренесуваме во целост:

Чичко Никола, добар ден!

 Се викам Павла. Имам 6 и пол години. Сестра ми се вика Петра и има 2 и пол години. Ви пишувам од Москва. Тука сме родени и тука живееме во текот на годината. Ние сме полумакедонки и полурусинки. Секое лето доаѓаме во Македонија. Таму јас зборувам македонски, а во Москва руски. Таму е куќата на татко ми, во Охрид, во Лагадин. Таму живеел дедо ми Павле, кого јас не го познавам. Баба ми Цветанка ја познавав, а Петра ни неа не стигна да ја запознае. Ние многу го сакаме езерото. Пливаме, си играме со другите деца, фаќаме риби со тегли и кеси, правиме куќички од камчиња и тврдини… Мене многу ми се допаѓа нашата плажа. Тато ми кажа дека Вие сакате да направите друга плажа, голема, за да доаѓаат повеќе луѓе. А зошто Ви требаат уште повеќе луѓе? Понекогаш во јули и во августние гледаме дека езерото станува многу валкано. Морам да Ви откријам една тајна: ние со децата лани видовме како од колекторот (ние често си играме на колекторот – ни личи накула од тврдина), чичко Никола, ова е тајна, ние видовме како од колекторот излегуваат гомца (во Прилеп, од каде што беше баба ми Цене, ги викаат многу смешно, лајна). И ете така ние си пливаме во езерото заедно со гомцата, пластичните шишиња, опушоците, кесињата од смоки, хартивчињата од сладолед… А после тоапонекогаш нѐ боли стомак и повраќаме. Возрасните тоа го нарекуваат „охридски вирус“. А понекогаш по езерото плива пена. Возрасните викаат дека тоа не е пена за бањање, туку пена од перењето чаршафи во хотелите.

Затоа Ве прашав, чичко Никола, зошто Ви треба уште поголема плажа со повеќе луѓе и повеќе хотели? Повеќе луѓе значиповеќе гомца, а и повеќе чаршафи за перење. А и повеќе коли. Кај нас и така одвај се поминува од коли и сите бараат место за паркирање. Каде ќе се паркираат, во езерото? Тоа не е убаво. Ние, луѓето, не смееме да му го заземаме просторот на езерото и на неговите жители. А Вие сте биле ли некогаш во Охрид за 2 август? Има премногу луѓе. Во градот не можеш ни да поминеш од луѓе и на плажа и во Свети Наум. Мислам дека Свети Наум би сакал да си избега од таму, толку му е тесно и загушливо и неубаво. А кај Канео, чичко Никола, зоштоим дозволивте да изградат згради? Беше толку убаво – како играчка, како приказна. Ако можете, тргнете ги од таму тие згради.

 Мене не ми се допаѓаат палмите во Охрид, (ниту во Скопје). А Вам Ви се допаѓаат? Барем да раѓаа банани. А вака само бели пеперутки носат. Лани во Лагадин имаше цели облаци од бели пеперутки. Сите деца ги ловевме, а потоа се чешавме. Нѐ носеа на доктор. На родителите на Роди, моето другарче од Русија, им рекоа да го носат во „Маларична“. Тие, пустите, од памет се извадија додека не разбраа дека болницата се вика така и дека нема врска со болеста маларија (јас не знам каква е таа болест, ама изгледа дека е многу страшна). Ние во дворот имаме елки и борови и брези и багреми и липа. Колку убаво мириса липата во јуни. Многу се убави нашите дрва. А погоре има и дабови и ореви и јасени. И тие се многу убави. А палмите во нашиот амбиент не се убави. Чичко Никола, многу е убаво дека се грижите и садите дрва, само не садете палми, садете дрва што со векови се навикнале да живеат во нашите краишта и си се сакаат со нашите животни, птици и инсекти. И не ги сечете трските, тие многу убаво шумолат и се нишаат кога има бранови и дува ветар. А тато ми кажа дека ако ги исечете трските, можеби и лебедите ќе си заминат засекогаш и некои риби… Се плашам да не ни умре езерото. И уште нешто сакам да Ве замолам. Не ѝ правете лузна на планината Галичица. Таа е толку убава. Кога се возиме со кола од Скопје за Охрид, по патот гледам некои изгризени планини. Многу ми е жал за нив. Не сакам Галичица да биде изгризена и пресечена. Зошто сакате таму да направите голем пат? За по тој голем пат да дојдат уште повеќе луѓе, значи уште повеќе коли и гомца и чаршафи?!А покрај ова ќе се случат уште многу други неубави работи. Ќе бучи патот, ќе се загади воздухот, најубавите пеперутки на светот (не како тие белите од палмите, туку убави шарени, најразновидни) ќе изумрат, а без нив нема да можат да си го замислат животот и некои цвеќиња и растенија, птиците ќе избегаат, животните нема да знаат каде да одат, над патот или под патот, накај водата, накај населбите, а некои фамилии животни ќе останат разделени, зашто ќе им биде страв да го поминат патот. Чичко Никола, дали сте сигурен дека Вашиот пат и Вашите плажи со палми и без трски ќе направат животот на нашето езеро да биде поубав???

Таму каде што јас живеам, во Москва, имавме еден стар, голем парк. Него го направија нов и многу убав. Сите почнаа да доаѓаат во тој парк и на паркот му стана многу тешко, а и на луѓето им стана многу тешко – многу гужва, многу ѓубре, многу канти за ѓубре, многу коли и гужва пред влезот во паркот… И за да не умре тој парк, на некои паметни чичковци им текна дека треба да направат други, нови, поинакви, но исто така многу убави паркови. И така луѓето не беа толку алчни и глупави за маста да му ја извадат на тој парк и тој парк сега е жив и здрав.

Чичко Никола, Вашите деца сигурно мислат исто како мене. Ако не ми верувате, прашајте ги… Прашајте ги и моите другарчиња од Лагадин и од Москва. Од Москва секое лето кај нас доаѓаат гости. Многу го сакаат и езерото и Охрид и храната и залезите (ги фотографираат цело време) и Галичица. На Галичица планинарат со Илина. Илина е многу добра и убава. Исто така и Јасна и Игор и Искра и Мерита и Огнен и Нуне и Ленче и Софија и доктор Станко и чичко Перо и тетка Буба и Дени и Стефан и многу други.

Сите ќе Ви кажеме фалаако бидете паметен и ги запрете лошите чичковци со секирите, булдожерите и лопатите со цемент и бетон.

Чичко Никола, на крајот ќе Ве замолам за тајната – поправете го колекторот за да не пливаме со гомцата и поправете ги шахтитеза да не ни смрди улицата и, знаете, понекогаш ни снемува струја и вода – и нив поправете ги. Уште сакав да Ви кажам дека во Охрид има многу малку детски игралишта со нишалки и лизгалки, а најчесто, таму каде што има, искршени се и старовремски. И „Маларична“ мислам дека многу одамна не е поправана. Кога ќе пораснам, ќе пливам до Вашата вила и можеби таму ќе Ве видам како пливате и ќе Ви кажам фала што го спасивте езерото и планината Галичица.

 Со најубави желби,
Павла Поповски
и сигурна сум дека ги дели моите мисли,
Петра Поповски”

Поврзани новости