Физичкиот напад врз претседателот Бислимоски го сметаме како директен напад и притисок врз работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, но и врз системот на регулирањето на енергетските пазари кој е воспоставен и успешно функционира од 2003 година, реагираат вработените во РКЕ со писмо до јавноста откако синот на Муса Џафери физички го нападна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
-Ваквото нецивилизирано и дивјачко однесување на учесникот на енергетскиот пазар во 21-от век е недозволиво особено за нас како земја аспирант за влез во ЕУ. Претседателот Бислимоски, претходно вработен во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија од 2004 година помеѓу своите колеги важи за голем професионалец, без ниту една дамка во своето работење и човек спремен секогаш и секому да помогне. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија постапувала и ќе постапува во согласност со законите, а врз основа на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација, со примена на најдобрите меѓународни искуства и практики, се вели во писмото од вработените.
Тие бараат надлежните институции да ги преземат сите законски мерки и најостро да го казнат сторителот.