Поголема група работници во културата испратија отворено писмо до премерот Зоран Заев во кое се противат на најавените промени во управувачката структура на Младинскиот културен центар во Скопје. На писмото се потпишан голем број независни уметници, културни работници и организации и во него се вели:
„Почитуван г. Зоран Заев, Ви се обраќаме по повод најавените промени во управувачката структура на Младинскиот културен центар во Скопје. Не случајно ова писмо Ви е адресирано Вам, со оглед на тоа што неодамна најавивте суштински промени во Владата на РСМ, но и во голем број јавни институции во државата. Максимално ја поддржуваме потребата за прочистување и подигање на квалитетот на кадарот во државните и локалните институции, кои очигледно се цел на вашата популарно наречена метла и веруваме дека тоа го правите со желба за суштинско подобрување на ситуацијата во повеќето од нив. Но, во овој случај чувствуваме граѓанска одговорност да Ви укажеме на сериозните негативни последици врз кревкото битие на живата, автентична независна култура, до кои секако ќе дојде доколку го нарушите континуитетнот на работа на Младинскиот културен центар во Скопје.
Речиси една деценија МКЦ е дом и обединувачки фактор на македонската независна културна сцена. Тој е единствен простор каде што скопската и македонската алтернативна младина добива шанса уметнички и општествено да се изрази, без да е обременета со комерцијални стеги. Континуитетот и развојот на МКЦ во последната деценија, но и реализацијата на програмските предизвици, е без преседан во современа Македонија, од осамостојувањето до денес. Конечно, МКЦ Скопје е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа.
Затоа, господине претседател на Владата на РСМ, упатуваме силен апел до Вас, МКЦ Скопје да биде одминат од вашата метла овој пат. Причината е едноставна: не се уништува она што функционира. Факт е дека моментниот в.д. директор, господинот Русе Арсов, е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција. Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција. Континуираниот процес на работа е од есенцијално значење не само за македонската култура туку и за општиот развој на вредностите на нашата општествена сцена.
Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција (директорско место во МКЦ Скопје). За него имаме максимална почит како музичар, кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но, повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција што се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту кога било имал интерес да биде.
Почитуван господине Заев, Ве молиме овој апел да го сфатите крајно сериозно и да не се сомневате во конструктивноста на нашите намери. Ние работиме со децении на независната сцена. Водени од желбата за напредок и повисок степен на култура бевме на улиците кога тоа беше најпотребно за нашата земја и, верувајте, таму ќе бидеме повторно ако има потреба. Каква било промена во МКЦ Скопје значи руинирање на еден од најсветлите континуитети во Македонија, брутален удар во нежното ткиво на независната сцена, со несогледливи последици во следните години, во кои токму таа сцена ќе мора да биде Ваш, но и голем сојузник на земјава во нејзиното присоединување кон Европската Унија. Доколку го нарушите овој фантастичен процес што успеавме да го развиеме, ќе бидете одговорен не само пред двигателите на македонската уметничка свест на ова време туку и пред историјата на нашата земја. Независната културна сцена можеби не изгледа импозантно во Вашите очи вперени кон Брисел и Вашингтон. Но, ние сите сме сепак тука и тука ќе останеме. Затоа, размислете“, се вели во писмото.