Овој четврток (14-ти септември) со почеток во 19 часот, СПОНА – Српскиот културно-информативен центар во Македонија организира промоција на романот на Ѓорѓе Матиќ – „Од никаде со љубов“. Истата ќе се одржи во Конференциската сала на Јавна соба (Public Room).
Со присуство на авторот, за неговото творештво на промоцијата ќе зборува професорката Елизабета Шелева, а модератор на настанот ќе биде новинарот Иван Беќковиќ.
Еден од водечките регионални писатели, публицисти, преведувачи… на нашето време, извонредниот Ѓорѓе Матиќ за првпат ќе се претстави во Скопје. Роден е во Загреб во 1970 година, во 1991 година замина во Италија, а потоа во Холандија, а по речиси три децении живот во егзил, сега живее во Пореч.
Во богатиот литерарен опус на Ѓорѓе Матиќ, освен споменатиот роман „Од никаде со љубов“, се и стихозбирките „Друг звук“ и „Шифрирано, биографија – нови и избрани песни“, како и есеите за музика „Тајни врски“ и збирка есеи за српската култура „Историја и современици“.
Значаен податок во професионалната биографија на Матиќ е и „Лексиконот на ЈУ митологијата“, кој тој го уредувал и каде беше коавтор.
Ѓорѓе Матиќ во овој период е член на редакцијата на загрепското списание „Просвјета“ и соработник на магазинот ОКО на Радио Телевизија на Србија.
Вики Клинчарова