Во Неготино започна акција за собирање на финансиска помош за обновување на домот на Виолета Донева (60), жената чија куќа во петокот вечерта ја запали нејзин роднина, додека таа била внатре.
Донева навреме го забележала чадот и се спасила, но поради големата штета предизвикана од пожарот, невозможно е да се врати во својот дом кој е речиси целосно уништен.
Нејзината ќерка Благица Делкова за „Фокус” вели дека се потребни најмалку 14 до 15.000 евра, за да може да се оспособи просторот за повторно живеење. Од кровната конструкција нема останато ништо, уништени се ѕидовите и покуќнината.
Поради тоа, апелира до хуманите граѓани и до општествено одговорните компании да помогнат.
Лицето кое го намерно го предизвикало пожарот е познато на институциите како алкохоличар и пироман. И во минатото подметнувал пожари, по што бил згрижен во ЈЗУ Негорци.
Откако го пуштиле од институцијата, околу новата година, тој повторно започнал со заканите дека ќе пали.
Инаку, тој е близок роднина на Делкова, брат е на нејзиниот починат татко. Во истата куќа, која е братска, живее и синот на пироманот. И тој дел од куќата е уништен по пожарот.
Од МВР потврдија дека лицето повторно е згрижено во ЈЗУ Негорци и против него ќе биде покрената соодветна постапка.
Вознемирените жени упатија апел и до надлежните институции, да не се дозволи лицето повторно да биде пуштено надвор од институцијата, бидејќи стравуваат дека тој ќе продолжи со пироманството.
Сите граѓани кои се во можност, можат да донираат на следната сметка 200 002743890014 Стопанска банка АД Скопје, Виолета Донева, со назнака – Донација.
Вики Клинчарова