Пиратско (гусарско) знаменце

by Фокус

„Институциите на системот“ се користат како инструменти за институционален грабеж и политички терор. За сѐ да биде според закон, доволно е да го смениш „законот“! Но, и тоа се прави политички трапаво

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Што денес, по брза постапка, ѝ е потребно на Република Северна Македонија!? Генерално, ништо особено. Освен, се разбира, како во рекламата: нови памперс пелени отпорни на какафонија!

Вулгарно, но прецизно точно. Премногу гнилеж и смрдеа има во оваа држава. Во континуитет. Насекаде смрди. Во законодавната, извршната, во „независно“ криминалната правосудна власт.

Прашање е само дали е до граѓаните и до нивното глупаво трпение или, пак, е до „политичарите“ и „институциите на системот“, како и „избраните и именуваните“ лица во нив. Реата на нивната расипана душа е насекаде.

Само што граѓаните се понадевале дека, на овој или на оној начин, успеале да се справат со еден „режим“ (политичко-партиски организирана криминална група), а веќе еве ти негова реприза. Од лошо полошо, па власт и политика. Никако да се види крајот на граѓанската голгота.

ДРЖАВА ВО ИЗУМИРАЊЕ

И Господ да слезе од небото не може да им помогне на граѓаните во оваа држава. Од нејзини државни обележја постојат само границите, химната и знамето, кои и така никој не ги почитува и ги употребува како хартија за по нужда.

Од сите функции на државата останаа само 1) собирање даноци, 2) инструментите на репресија и 3) институционалниот криминал. Толку од правната држава и владеењето на правото!

Политичарите и нивните спаринг-партнери од судско-обвинителскиот систем до крај ја изглодаа државата. Ништо не остана од уставниот поредок, освен, се разбира, уставните судии и нивното „толкување“ на законите.

Република (Северна) Македонија денес повеќе личи на покојник, на држава во изумирање, отколку на држава со свој внатрешен и надворешен суверенитет. Тука не помагаат никакви европски знаменца! Напротив!

Поразително е сознанието дека и да се случи партиска и персонална промена на носителите на власта, нема ништо позначајно да се случи за да се оживотвори граѓанскиот концепт во државата. Пред да се дојде на власт, сите ветуваат економски просперитет, владеење на правото, демократијата.

Тие се првите работи на кои газат откако ќе дојдат на власт. Оттаму и прашањето како да им се верува? Сѐ мангуп до мангуп! Сѐ политички измамник до измамник!

ШПАНСКАТА СЕРИЈА ПРОДОЛЖУВА

Ова е држава во која „институциите на системот“ се користат како инструменти за институционален грабеж и политички терор. За сѐ да биде според закон, доволно е да го смениш „законот“!

Но, и тоа се прави политички трапаво. Наместо прво да се смени законот, па „според закон“ да се потпишуваат договори, се прави обратното.

Ама, и тука има решение!? Во Република (Северна) Македонија, наместо европско, за донесување на некои (а можеби и за сите), треба да се воведе пиратско (гусарско) знаменце!

Тоа ќе биде почесно кон граѓаните. Барем навреме ќе бидат информирани за она што ги очекува. Парите (заедно со каматите за нив) и така ќе ги враќаат тие. Кој им е виновен за изборот што го направиле!

Шпанската серија во политиката продолжува: Црвенковски, Георгиевски, Груевски, Заев, Ковачевски, Ахмети, Мицкоски. Сѐ мангуп до мангуп!

Од многу чесни и одговорни „политичари“ и „државници“, граѓаните ќе останат и без капа. Таа ќе биде последното што ќе им го украдат. Арно ама, најверојатно тоа и го заслужуваат!?

П.С. Борбата за право на живот нема така бргу и наивно да заврши! Прашање е само какви и колку жртви ќе се положат на олтарот на слободата и правдата. Народот е „бесмртен“, а „политичарите“ и власта листопадни!

Поврзани новости