Пирамидалната измама ,,Конти” сепак не е измама?!

by fokus

Откако јавната тајна за пирамидалната измама ,,Конти” гласно одекна во јавноста, со информација дека илјадници Македонци ќе останат покуси за стотина, па и илјадници евра, се поставува прашањето дали некој ќе одговара и со тоа ќе се стави крај на оваа измама, за која веќе е најавено ново продолжение.

Поточно, како што е веќе познато, деновиве владее паника меѓу граѓаните, откако преку онлајн пирамидалната шема „Конти“, каде корисници беа повеќе од 14.000 македонски граѓани, запре исплатата на пари.
Преку овој начин на брза заработка, која се одвива преку уплата на криптовалути на платформата за тргување со крипто, Бајненс, голем број македонски граѓани изгубија илјадници евра, но има и такви кои дебело заработија.

Дел од учесниците веќе не можат да се логираат на страницата и не добиваат приливи на платформата за тргување со криптовалути, а се претпоставува дека ,,Конти” им собра вкупно десетина милиони евра. Најпрво биле убедувани дека станува збор за времен проблем, но во групата на Телеграм се огласија и администраторите.

„Голема е веројатноста трансакциите да не се реализираат и тука нема што да се крие. Ве молам без обвинувања, никој не беше со сила натеран да вложува. Многу добија, а многу изгубија. Сите ќе бидеме среќни ова да не е вистина, но мора да се соочиме со реалноста“, пишува еден од администарторите во групата на Телеграм.

Засега, ниту еден од оштетените граѓани не го пријавил случајот во МВР или во Обвинителство, иако минстерот за внатрешни работи Панче Тошковски испрати повик.

-Секторот за компјутерски криминал досега нема добиено пријава во врска со оштетени лица од платформата „Конти“, ни одговорија од МВР.

Ист одговор добивме и од Обвинителството.

-До Јавното обвинителство до овој момент не е доставена пријава од оштетени граѓани или надлежен орган. Доколку биде доставена пријава од која произлегува сомнение за сторено кривично дело на територијата на државава, јавно обвинителство согласно месна надлежност ќе оформи предмет, ни одговорија од Обвинителството.

Една од причините за молкот на оштетените е најверојатно тоа што биле свесни за ,,коцкарскиот” момент, односно кога ги вложувале парите знаеле дека е можно и да ги загубат.

Затоа е и дискутабилно колку во случајот станува збор за кривичното дело ,,Измама”, бидејќи таа се сторува со прикривање на фактите и доведување во заблуда.

,,Тој што со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист ќе доведе некого во заблуда со лажно прикажување или со
прикривање факти или ќе го држи во заблуда и со тоа ќе го наведе да стори или да не стори нешто на штета на својот или туѓ имот, ќе се казни со
парична казна или со затвор до три години”, пропишува член 247 од КЗ.

Кога веќе вложувачите биле свесни за ризикот кој го носи пирамидалната шема, тогаш е многу тешко на суд да се докаже дека биле измамени.

Ова не е прв случај во земјава, но и во светот, кога луѓе желни за брза заработка без работа и труд, инвестирале пари во сомнителна платформа.

Според она кое го кажуваат наши соговорници, играчи на Конти, првин се вложувале пари, и тоа од 50, па се до неколку илјади евра, се инсталирала апликацијата, се кликале лајкови на филмови, а се барале и нови луѓе да го сторат истото. Вложените средства им се враќале назад по околу еден месец, а потоа им следувала заработка.

Како и во други пирадимални шеми, кои во минатото биле актуелни, најголеми шанси за профит имале оние кои се вклучиле порано во играта. Но, иако свесни дека можат да ги изгубат вложените пари, илјадници граѓани без многу размислување се решиле на ризик, и вложиле во непроверената платформа.

Бидејќи плаќањето е во криптовалути, а кај нас како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство, играчите на Конти не плаќале данок. Не е незаконски, велат, туку едноставно во моментот не е регулирано.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости