440 милиони денари е дефицитот на ПИОМ во првите две недели од јануари. Долгот на ПИОМ кон приватните пензиски фондови ќе се прелева и понатаму, а од Министерството за труд и социјала не знаат зошто не се сервисираат обврските кон приватните пензиски фондови.
ПИОМ не им ги дава податоците на Министерството како течеле месечните исплати кон пензионерите и фондовите, а министерката Фросина Ременски за ова ќе ја информира Владата. Ременски потврди дека неколку пати се обидела и не ги добила податоците од ПИОМ, па најверојатно ќе поднесе кривична пријава против директорот на ПИОМ.
Ременски имала состанокот со МАПАС, Агенцијата за супервизија и со претставници на ММФ, на кој се зборувало за проблемот со долгот кон приватните пензиски фондови.Од ММФ упатиле на извештај на Светска банка во кој се вели дека на среден рок ПИОМ е финансиски неодржлив. Во разговорот со претставниците на ММФ минатата недела, тие не можеле да поверуваат дека има доцнење.
„Претставниците на ММФ побараа, односно прашаа дали имаме мерки за реформи на Пензискиот фонд. Сериозниот дефицит на ПИОМ, не може да не се одрази на корисниците. МАПАС има обврска да ги заштити правата на осигурениците кои плаќаат и во приватните пензиски фондови и затоа треба да се побара кривична одговорност од директорот на ПИОМ. Oдговорност треба да понесе и Управниот одбор на ПИОМ, кој ја контролира работата на оваа институција“- изјавува Ременски.
Но, претседателката на Управниот одбор Јасмина Иванова, која е поранешен шеф на кабинетот на заменик министерот Диме Спасов, а на оваа функција е веќе втор мандат како претставник на Министерството, одбивала да соработува.Министерката Ременски од неа побарала детален финансиски извештај, но Иванова и одговорила дека нема потреба да и реферира бидејќи тоа ќе го стори пред Владата, која ја назначила.
Претходно ПИОМ имаше огромен долг кон приватните пензински фондови, но некако успеа да ги испалти. Сега одново се таложат долговите.