ПИОМ е институција со најголем буџет во земјава: За пензии во 2025 година ќе се потрошат 1,7 милијарди евра, дефицитот ќе биде 27%

by Fokus

Околу 350.000 пензионери добија повисоки пензии за 2.500 денари и тоа го чини Фондот за пензинско и инвалидско осигурување 14 милиони евра месечно, односно пензиите се покачени за 11,17 %, а не за 4% колку што требаше да изнесува усогласувањето со порасот на трошоците.

Ова ќе го чини Фондот 56 милиони евра до крајот на годината, а потоа Владата ќе треба да ја зголеми ставката на трансфер на средства кои ќе се префрлаат во ПИОМ за да се покрие дупката во неговиот буџет за исплати на пензиите кои ќе пораснат уште еднаш во март 2025 и уште еднаш во септември 2025 година.

За ова да се реализира ФПИОМ испланира предлог буџет од 2,2 милијарди евра кој сега чека согласност од Министерството за финансии, а дефицитот на Фондот е проектиран да изнесува 27% за што ќе бидат префрлени средства од Владата во висина од околу 580 милиони евра.

Во документот на ПИОМ адресиран до Министерството за финансии се наведува дека следната година, за да се финансираат сите планирани расходи, касата на државниот фонд  треба да “тежи“  речиси 2,2 милијарди евра што е за над 360 милиони евра повеќе од проектираните трошења за годинава, што го прави ПИОМ институција со најголем буџет во земјава.

„Граѓаните треба да бидат сигурни дека средства за пензии ќе бидат обезбедени. Буџетскиот дефицит е стабилизиран и ќе биде 27 проценти. Новиот менаџмент до Владата и до Министерството за социјална политика ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетот за исплата на пензиите. Очекуваме приходите по основ на плаќање на придонеси до крајот на годината да растат и дефицитот да се стабилизира“, истакна Мемов на денешниот брифинг со новинарите во просториите на Фондот за пензиско.

ПИОМ планира од 2,195 милијарди евра да исплати 105 милијарди денари, односно 1,7 милијарди евра по основ на пензии, а во вториот задолжителен пензиски столб ќе се трансферираат 15,6 милијарди денари или околу 250 милиони евра.

Од 18,8% проценти колку што изнесуваат придонесите за пензиско и социјално осигурување кои ги уплаќаат осигурениците, 12,8% се наменети за исплата на пензиите, а 6% се уплаќаат во вториот столб.

ПИОМ планира приходи од свои извори во висина од 80 милијарди денари, по основ на уплата во вториот столб приходи од 15,6 милијарди денари. По основ на акциза, ПИОМ законски добива 9,18% или 1,63 милијарди денари од вкупно наплатените акцизи на државата.

Од други приходи од кирии, акции и дивиденди ПИОМ планира да собере 700 милиони денари.

Вкупните приходи кои ПИОМ ќе ги собере како Фонд се 97,93 милијарди денари.

Од трансфер на Владата за исплата на пензиите се очекуваат 35 милијарди денари или 580 милиони евра според оваа сума излегува дека 33% од вкупната маса за пензии или дефицитот во ПИОМ го покрива Владата од централниот буџет.

Годинава според проценките од ПИОМ ќе заврши со 340 854 пензионери а следната ќе има 343 992 корисници на пензија што е за 0,9% повеќе во однос на годинава додека пак висината на просечната пензија во декември  2025 та треба да достигне 26 327 денари.

Орце Костов

 

Поврзани новости