„Пинк Флојд” со нова песна за поддршка на Украина, познато е зошто Украинките им даваат сончогледово семе на руските војници

by Fokus

Британскиот музички бенд „Пинк Флојд“ ја објави својата нова песна „Hey, hey, rise up“ со која и дава поддршка на Украина, по воениот напад на Русија. Ова е прва песна на бендот по речиси три децении, во соработка со украинскиот музичар Андриј Хливњук, вокалист на групата „Бумбокс“. Како што објавија на својата официјална страница, заработката од песната ќе биде донирана за помош на Украина.

-Песната е поддршка за украинскиот народ. Видео записот е снимен истиот ден кога се снимаше и музиката. Кога ја пишуваше музиката, Дејвид Гилмор успеа телефонски да разговара со Андриј, кој се наоѓа во болница во Киев поради повреда од шрапнел. Преку телефон му ги отсвири нотите, и тој им даде благослов да ја снимат песната. Се надеваме дека ќе има голем публицитет, и сакаме да ја изразиме нашата поддршка за Украина – пишува на страницата на „Пинк Флојд“.

Андриј, кој во време на почетокот на воениот напад врз Украина бил на турнеја во Америка, истата веднаш ја прекинал, и по три дена обави видео во кое ја пее украинската песна „The red viburnum in the Meadow“. Тие снимки и неговиот беспрекорен вокал се вметнати во видеото на ,,Hey, hey, rise up“ Исто така, откриваат и која е симболиката на сончогледот, кој се појавува во видео записот, а се смета за национален цвет на Украина.

-Во видеото се појавува слика од кубанскиот уметник Јосан Леон, цвет од сончоглед. Тоа е поврзано со жените кои им даваат семе од сончоглед на руските војници и има значајна симболика, кога војниците ќе умрат, семето од нивните џебови ќе продолжи да расте и живее, како украинскиот народ – објавено е на страницата на ,,Пинк Флојд”.

Инаку, вокалистот и гитарист на бендот, Гилмор, веднаш по нападот врз Украина јавно се огласи и откри дека сопругата на неговиот син е од Украина, со порака дека е погрешно да се нападне демократска држава. Покрај Гилмор и тапанарот Ник Мејсон, дел од проектот се и басистот Гај Прат и клавијатуристот Нитин Соуни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости