Пилотот на цесната која се урна во Вирџинија паднал во пилотската кабина

by Fokus

Пилотот на приватен авион кој го бркаа американските борбени авиони пред да се урне во Вирџинија, бил виден како паднат во пилотската кабина, јавуваат американските медиуми.

Борбени авиони го забележале навидум онесвестениот пилот откако го пресретнале леталото, изјавија официјални лица за Вашингтон пост и Си-Ен-Ен.

Пилотот и уште тројца патници загинаа во несреќата во неделата, пренесе Би-би-си.

Авионот Цесна го премина ограничениот воздушен простор над Вашингтон пред да падне во Вирџинија.

Авионот, кој се движел кон Лонг Ајленд од Тенеси, направил вртење на косо кога стигнал до Њујорк пред да полета назад кон југ кон местото на поаѓање.

Кога навлезе во воздушниот простор над главниот град на САД, кој се смета за еден од најограничените во земјата, на борбените авиони Ф-16 им беше дозволено да летаат со суперсонична брзина за да го пресретнат и ја пробија звуќната бариера во регионот.

Пилотот молчел во последните два часа од летот, а авионот на крајот останал без гориво и се урна во густо пошумена, планинска област во близина на Монтебело во Вирџинија.

Не е јасно зошто пилотот не реагирал. Воените претставници кои сакаа да останат анонимни рекоа дека авионот не бил соборен од борбените авиони

Инспекторите сега ја чешлаат руралната Вирџинија и ги проценуваат остатоците од авионот за кои се вели дека се многу оштетени. Операцијата најверојатно ќе трае со денови, рекоа официјални лица.

„Сè е на маса додека полека и методично не ги отстраниме различните компоненти и елементи кои ќе бидат релевантни за оваа безбедносна истрага“, рече истражувачот на Националниот одбор за безбедност на транспортот, Адам Герхард.

Извештајот со дополнителни детали ќе биде објавен следната недела. Конечниот извештај за фаталниот инцидент ќе биде објавен за 12 до 24 месеци.

Четирите лица кои загинаа не се официјално идентификувани, но лице поврзано со авионот рече дека членовите на неговото семејство биле во авионот.

Џон Румпел (75), бизнисмен од Флорида, кој го поседуваше авионот, за Њујорк Тајмс изјави дека неговата ќерка, двегодишната внука и нејзината дадилка биле во авионот заедно со пилотот.

Тој рече дека се враќале во Ист Хемптон, државата Њујорк, од неговиот дом во Северна Каролина.

„Се спушташе со 20.000 стапки во минута и никој не можеше да преживее несреќа од таа брзина“, рече г-дин Румпел, кој исто така е пилот, додавајќи дека се надева дека неговите роднини не настрадале.

Румпел, зборувајќи одделно за Вашингтон пост, го идентификуваше пилотот како Џеф Хефнер за кој рече дека летал повеќе од пет години. Тој не е именуван од официјални лица.

Ричард Леви, пензиониран капетан и пилот-инструктор, изјави за Би-Би-Си дека Цесната веројатно изгубила притисок во кабината.

Кабините на авионите може да го намалат притисокот од повеќе причини, вклучително и поради механички дефекти на авионот или пилотски грешки, рече тој.

Во овој случај,  според Леви, кабината можеби го намалува притисокот постепено и „подмолно“ без да забележат симптоми на хипоксија, состојба во која телото е лишено од соодветно ниво на кислород, додека не е предоцна.

„Тие не се свесни што се случува, а потоа ја надминаа точката на рационално размислување, свест и добра визија“, речеЛеви.

Според него пилотот можеби во еден момент сфатил дека кабината го намалува притисокот и потоа се обидел да го сврти авионот на автопилот.

„Потоа, мојата претпоставка е дека пилотот потоа изгубил свест“, рече Леви.

Поврзани новости