Четириесет и осумгодишен пијан скопјанец ги искршил автомобилите вчера во катната аража наспроти Трговскиот центар „Буњаковец“ во Скопје.
Како што соопшти обвинителството тој искршил 18 паркирани автомобили со метална шишка, хебла и брава од врата.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Со оглед на тоа што се утврди дека осомничениот со своите дејства причинил материјална штета од поголем обем чиј вкупен износ се проценува на најмалку 208.000 денари, јавниот обвинител оцени дека е исполнет елементот на наведеното кривично дело кое се гони по службена должност и за кое е предвидена казна затвор од една до десет години, соопшти Обвинителството.
До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, оценувајќи дека постои опасност тој да се даде во бегство или да го повтори делото.
Автомобилите во катната гаража беа со скршени стакла, скршени предни и задни шофершајбни, уништени врати…