Пијан бил возачот кој предизвикал судар во кој загина ресенчанка

by Fokus

Во алкохолизирана состојба бил 52-годишниот С.Ј. од Ресен кој Обвинителството го товари дека ја предизвикал сообраќајната несреќа на патот Битола-Ресен, во која загина 57-годишната ресенчанка И.А. Против него е покрената постапка за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Обвинителството бара куќен притвор за него, поради опасност од бегство, можност да влијае на сведоци и можност да го повтори делото.

„Осомничениот, на 23 април, како учесник во сообраќајот на магистралниот пат А3 Битола – Ресен, управувал автомобил „Mерцедес“ со ресенски регистарски таблички во насока од Битола кон Ресен. Но, притоа не се придржувал кон одредбите за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно возилото го управувал со недозволено количество на алкохол од 0,67 промили алкохол во крвта. Освен ова, тој не го држел автомобилот во движење блиску до десниот раб на коловозот. Кога дошол на критичното место, на околу 700 метри од местото викано „Кај чешмите“, со возилото преминал преку надолжната средишна неиспрекината линија на левата коловозна лента, гледано во насока на неговото движење. Во таа коловозна лента во спротивна насока, движејќи се од Ресен кон Битола, наидувало возило „Сеат Ароса“ со ресенски регистарски таблички во кое имало две лица“, информираа од Обвинителство.

При судар на двете возила оштетената – возач на автомобилот „Сеат Ароса“ се здобила со тешка телесна повреда од која веднаш починала, додека нејзиниот совозач се здобил со телесна повреда.

Надлежниот јавен обвинител уште при извршениот увид на лице место даде наредба за обдукција на телото на починатата и други наредби потребни за обезбедување на трагите и доказите.

 

Поврзани новости