Пичвајз

by Фокус

Општеството „огугла“ на апашлук и рушвет. За тоа сведочат секојдневните афери на „криминалот во бели крагни“ и системската корупција, против кои надлежните седум институции имаа учинок нула! На 8 мај, народот гласаше за конечно избавување од тридеценискиот колапс, целосно функционирање на системот и заштита на македонските национални интереси. За трајно раскинување со апсурдите, искривоколченоста и безаберието.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Три децении, системот се движи во погрешна и погубна насока. Општо  безредие, големо просерување, сѐ во ПМ. Црвот разјадуваше однатре, а општествениот организам гниеше. Невиден пичвајз со предавства, грабежи и лаги со опашки!

Нема оправија, што се потврди со најновиот цинизам и безобразие во неодамна објавената заедничка колумна на поранешните премиери Заев и Ципрас, во која ги повикуваат ЕУ и т.н. „меѓународна заедница“ да предупредат дека единствен пат за евроинтеграција е стриктно почитување на Преспанскиот договор.

Несудените нобеловци и самоубедени светци се претставуваат како жртви за народот што не го рецкаат, кој требало уште за живот да ги канонизира.

„ВАМПИРСКИ ОРГИИ“

Пичвајзот стана препознатлив бренд на апсурдни и налудничави состојби и однесувања. Креиран од гарнитури на властодршци, кои се грижеа за функционирање на системот, како што робови берат гајле за држава. Со околу 17.000 „тинк-тенкови“ и невладини организации, претежно финансирани со странски средства, со т.н. „Балансер“ за вработување по етнички клуч и Тиранска платформа за двојазичност.

Тотално колабиран систем! Ај што родоотстапниците криво го насадија со прекрстување на името на државата и бришење на идентитетот, туку со апсурдите и лудилото генерираа тотален распад и гниење однатре. Изопаченоста стана нивна мерка за нормалност, дури и посакувана цел.

Лефтерно и без грижа, партиите од македонскиот блок правеа ГМО коалиции, давајќи им пас на наследниците на албанскиот необализам и бугарскиот неоврховизам за „вампирски оргии“ со македонската држава.

Фингираа етнички попис на населението, со однапред договорени проценти за зголемување на албанското малцинство за 10 отсто на сметка на рапидно намалување на македонското. Си направија класичен мафијашки дил за измени во Кривичниот законик, со кои арамиите се спасија од апс, а згора на тоа им остана и украденото азно.

Економскиот раст никако не пркнува, ама прогресира во игри на среќа и обложување. Во шеесетина коцкарници и обложувалници, со околу осум илјади вработени, претходната година порочните граѓани зијаниле осумстотини милиони евра.

Стотици диви и безброј „питоми“ депонии. Матен Вардар носи тони и тони секаков отпад и фекалии. Токсичен воздух, од кој главниот град е еден од најзагадените во светот со голема стапка на морталитет.

АПАШЛУК И РУШВЕТ

Урбанистичко безредие со постојано менување на ГУП и ДУП и дивеење на градежната мафија. Сообраќајно дивеење и хаос. Угостителски објекти со голема бучава во станбени згради. Вандалско уништување на урбана опрема, реквизити и детски игралишта. Само во главниот град на променада се околу 5.000 до 6.000 бездомни кучиња, а не им се знае бројот на домашните миленичиња без регистар и правила за чување.

Болно здравство, „бела чума“ и „одлив на мозоци“. Слободен пад на образование со најголем број универзитети на квадратен километар, со парауниверзитети од типот „Рамиз Мерко“ и „Драган Даравелски“.

Ова е само една кроки скица за пичвајзот македонски. Повеќе нема време за коцкање со животот, џабе арчење енергија и за прашања и проблеми, кои во суштина се бесмислени и невозможни за решавање, нема време „да исправаат криви Дрини“. Македонија мора да биде со Македонци, а не граѓани на Северна!

Општеството „огугла“ на апашлук и рушвет. За тоа сведочат секојдневните афери на „криминалот во бели крагни“ и системската корупција, против кои надлежните седум институции имаа учинок нула!

На 8 мај, народот гласаше за конечно избавување од тридеценискиот колапс, целосно функционирање на системот и заштита на македонските национални интереси. За трајно раскинување со апсурдите, искривоколченоста и безаберието.

За суштински реформи на организацијата на општеството и создавање економски просперитет.

Гарнитурата што ја доби довербата, за почеток, ја евакуираа досегашната владејачка ГМО коалиција во опозиција. Извршија и реорганизација на одредени постојни министерства, односно во некои од 1370-те институции, од кои во над триесетина немаше ниту вработени, ниту директори, или пак, имаше директори без вработени, односно вработени без директори.

Ама, завалиите од новата власт, намерно или не, заборавија да ги укинат хибридните министерства за политички систем, за добро владеење и слични глупости. Зар повторно пичвајз?

Поврзани новости