Оперската певица Кристина Палија, сопран и магистар по соло пеење е дел од листата на кандидати за членови на Совет на Општина Неготино на Левица. Таа е уште еден од низата на уметници кои се најдоа како кандидати на советничките листи, а за ,,Фокус” вели дека била уморна од она кое го гледа на политичката сцена во изминатите дваесет години, па затоа и прифатила да биде дел од листата.
-Од Левица побараа да им завршам работа за да пополнат листа. Јас искрено, не се разбирам од политика, ама преку глава ми е од практиките кои ги гледам дваесет години, и затоа прифатив. Можеби ми го препознаа борбениот и нетрпелив дух што ми е накалемен, благодарение на досегашната неполитика – вели певицата, која е на последно, односно 15-то место на листата.
Таа и е позната на пошироката јавност по настапите во Мароко, каде беше честа гостинка како дел од ,,Дуо грациозо”. Има остварено самостојни настапи и рецитали, како во земјава, така и во регионот. Изминатиот период, заедно со поп пејачот Ѓоко Ѓорчев снимија повеќе дуети.
Вики Клинчарова