(АРХИВА) Владимир Путин – најсветата икона меѓу петте европски автократи

by fokus

Текстот е објавен на 18 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 980

Очите на целокупната јавност се свртени кон Украина, откако Русија одлучи да изврши воена интервенција, поради која рускиот претседател Владимир Путин отворено беше наречен диктатор од страна на цел демократски свет. Иако европските лидери досега избегнуваа да ја користат ваквата квалификација во интерес на добрите политички и економски односи со Москва, како и во интерес на светскиот мир, сепак, Путин постојано практикуваше автократско владеење. Во една анализа напишана во 2014 година, Фокус го смести рускиот претседател на врвот на листата на петте најголеми автократи во Европа, на која уште се наоѓаат Лукашенко, Орбан, Ердоган, како и поранешниот македонски премиер Груевски.

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Обединета Европа веќе ја гази седмата деценија од почетокот на остварување на идејата на Роберт Шуман за заеднички простор на слобода, демократија и подобар живот за граѓаните, а европскиот двор и неговата најблиска околина се уште вриштат од автократи, популисти и узурпатори на слободата, како никогаш да не се кренала фамозната железна завеса.

Дваесет и пет години по падот на Берлинскиот ѕид, кој државите од Источна и Југоисточна Европа формално ги придвижи кон политички плурализам и економски либерализам – слободата, демократијата, пазарното стопанство и човековите права во неколку земји од маргините на стариот континент, од регионот на Балканот, но и во срцето на Европа се уште се недофатлив идеал. Напротив, може да се рече оти трендот е негативен. Тие држави кинисале во обратен правец – кон диктатура!

За жал, целиот вокабулар од комунистичкиот тоталитаризам денес е повторно на сцена – пак има дисиденти и политички затвореници, прогони и погроми на инакумислечките интелектуалци, тајните служби повторно следат и прислушуваат, партијата на власт цврсто ги држи дизгините на судството, го зграпчува и го партизира цивилното општество, ја голта државната администрација, во медиумите низ пропаганда размножува странски непријатели и домашни предавници, го велича божемниот суверенизам, посебниот пат на нацијата и нејзините историски идеали, полицијата апси, притвора и суди, а владејачките фамилии се дават во корупција и организиран криминал.

Како нова „демократска и плурална“ практика, власта го задушува она што останало од слободните медиуми, ги казнува, ги отпушта од работа и ги затвора слободоумните новинари и интелектуалци, ги проскрибира и им го отежнува животот на невладините организации кои не ѝ се под контрола, ги рекетира, ги уценува бизнисмените, им се заканува и ги затвора олигарсите ако не ѝ платат за своите гревови и ако се непослушни. Наместо граѓанско општество, гради монструозна партиска држава.

Официјално, во Европа нема диктатури, зашто во сите земји од континентот се одржуваат парламентарни избори и во нивните устави е загарантирано правото на повеќепартиски систем, демократија и слободни избори. Но владеачката практика во неколку европски држави веќе подолго време негува само процедурална демократија, а практикува авторитарни, тоталитарни, популистички мерки, ги лажира и брутално ги краде изборите, го корумпира гласачкото тело, ја узурпира слободата и ја фалсификува демократијата, па политичките теоретичари овие режими ги нарекуваат авторитарен популизам, нелиберална демократија, демократура и сл.

И ако поради војните во поранешна Југославија, како и тешката економска и политичка транзиција во Источна Европа, во деведесеттите години од минатиот век Европската унија можеше да си дозволи режими како оној на Милошевиќ во Србија, или на Мечијар во Словачка, денес е вистинско чудо како и зошто Брисел и слободниот свет толерираат авторитаризам во срцето на Европа, дури во една земја членка на Европската унија, како што е Унгарија!

Зафатена со последиците од светската финансиска криза, растечката невработеност и порастот на национализмот во сопствениот двор, втерана до ѕид поради геостратегиските игри на големите сили, европската политичка елита немо ги посматра тоталитарните бравури на „виктаторот“ Виктор Орбан, веќе одамна има кренато раце од европскиот „севернокореец“ Александар Лукашенко во Белорусија, нема вистински лек против турскиот „султан“ Реџеп Таип Ердоган, па чини тргни-застани со преговорите за евроинтегрирањето на Турција, а со „малиот македонски наполеон“ Никола Груевски едноставно не знае што да прави, очигледно игнорирајќи го се додека неговиот режим не ги загрозува безбедносните интереси на Европа во овој регион.

Со европскиот силник број еден Владимир Путин, пак, чиј режим е икона за сите автократи, Европа е принудена да преговара, зашто штетата што тој може да ја направи и што веќе ја прави, се проценува на стотици милијарди евра, но поради неговиот империјализам може да чини и милиони човечки жртви.

Има повеќе анализи според кои авторитарни тенденции пројавуваат и други лидери на држави од Европа и од европското опкружување, на Балканот, на Кавказ, но некои од нив се класични протекторати (БиХ и Косово, на пример), други полека се вртат кон Запад и покрај нивната мафиократија (Црна Гора на Ѓукановиќ), трети, пак, се повеќе во азискиот одошто во европскиот двор (Азербејџан), па затоа решивме низ илустрација на неколку симболи што еден режим го оддалечуваат од демократијата, да потсетиме на заедничките црти на авторитарниот лик на петте европски силници.

ЛУКАШЕНКО, ЕВРОПСКИОТ СЕВЕРНОКОРЕЕЦ

ЗЕМЈА БЕЗ ОПОЗИЦИЈА

Неодамна Лукашенко прослави 20 години неприкосновена власт во Белорусија. Единствените слободни избори во оваа држава се одржаа во 1994 година, на кои Лукашенко победи со ветување дека ќе ги запре корупцијата и каубојскиот капитализам. Оттогаш систематски ја узурпира моќта со декрети, диктати, злоупотреба на парламентот, судството, тајните служби, медиумите, партиите, синдикатите, невладините организации.

Изборите во 2001, 2006 и 2010 година Лукашенко ги доби „комунистички“ со над 75 отсто од гласовите. Неговиот противкандидат Андреј Саников, поранешен дипломат кој сега е во егзил, во 2010 година официјално доби само 2,43 отсто гласови!? Во парламентот во Минск со 110 места од 2000 година наваму нема ниту еден опозициски пратеник. Груевски барем ја има Роза!

ОРВЕЛОВСКИ ЗАКОНИ

Белорусија е последната земја во Европа во која има смртна казна, а затворениците не знаат кога ќе бидат егзекутирани за да чувствуваат страв дека секој ден им е последниот. За „среќа“ поради притисокот од Европа, Лукашенко една година не егзекутирал никого.

Во главниот град Минск забрането е фотографирање владини згради, јавно собирање на повеќе од тројца луѓе без одобрение, како и аплаудирање – форма на протест кој го усвои опозицијата во 2011 година. За да се спречат демонстрации со молк, донесен е орвеловски закон кој забранува „акција или недостиг од акција“ на јавни места! Кај нас нема таков закон, ама полицијата, на пример, не дозволува мирни демонстрации пред Музејот на ВМРО!

ПЕТТА КОЛОНА

Како и во комунизмот, водечкиот државен весник „Советскаја Белорусија“ на насловната страница ги печати сите говори на Лукашенко од збор до збор. Државните медиуми, слично како и во Македонија, главно ја портретираат опозицијата како петта колона, финансирана од странските непријатели и пишуваат дека во светот владеат војни и економска криза, за разлика од Белорусија каде што „владее мир и хармонија“.

Власта и тајните служби ги прогонуваат слободните новинари кои можат да објавуваат само на интернет порталите кои се хостираат надвор од Белорусија. Полицијата им влегува во домовите и им ги одзема компјутерите, бара да се регистрираат како странски новинари и често не им издава лиценца за работа.

ОРУЖЈЕ И РУСКА НАФТА

Тајниот економски дил на Лукашенко со својот народ е скромна социјална сигурност. Во Белорусија речиси и да нема невработеност (кај и да е, и кај нас ќе ја снема), просечната плата е околу 550 долари, здравството и образованието се бесплатни. Ова на режимот му успева со препродажба на субвенционирана нафта и гас од Русија, но и оружје на Судан, Ирак, Либија, Венецуела и Сирија.

Режимот на јадица ги држи речиси сите вработени во јавниот сектор – 80 отсто од нив се со годишен договор од една година, така што може лесно да бидат избркани од работа ако се непослушни. Главен приватен бизнис, велат познавачите на приликите во Минск, е проституцијата.

ПАРТИЗАНСКИ ФИЛМОВИ

За да предизвика чувство на лојалност и подготвеност на жртва, режимот постојано ги потсетува граѓаните на страшните настани од Втората светска војна, во која Белорусија страдала повеќе од сите други европски држави. Во текот на војната, нацистите убиле повеќе од два милиони Белоруси, речиси една четвртина од населението. Познато е дека Сталин користел германски затвореници повторно да го изгради „градот херој“ Минск, како симбол на советскиот отпор.

На државната телевизија денес се уште се прикажуваат партизански филмови, во секој град има споменици (Груевски тука води) на воените херои, на Ленин и Сталин, а учениците одат на задолжителни екскурзии во Музејот на Големата патриотска војна, во кој има огромна слика која го прикажува Лукашенко во бункер – униформиран, со двоглед и опколен од генерали, како да го заштитува својот народ од нова војна.

„БАТКАТА“ ВОЗИ МАЈБАХ

Иако е човек од народот, Лукашенко живее на голем приватен имот надвор од Минск. Во 1998 година од овој луксузен кварт ги избркал странските амбасади, откако решил да им го исклучи дотокот на вода и струја. Батка, како што го нарекуваат Лукашенко, има повеќе резиденции во Белорусија, луксузен „Боинг 767“ кој му припаѓал на поранешниот диктатор на Туркменистан, Сапармурат Нијазов, лимузина „Мајбах“ и носи часовник „Патек Филип“ кој вреди 17.000 долари.

Се проценува дека е меѓу најкорумпираните лидери на светот. За да го докаже својот „мачоизам“ и омразата кон маргиналните групи и хомосексуалците, Лукашенко во една прилика изјавил – „Подобро е да бидеш диктатор, отколку геј“.

ПУТИН, НАЈСВЕТАТА АВТОКРАТСКА ИКОНА

НЕУСТАВЕН МАНДАТ

Според руските аналитичари, третиот претседателски мандат на Путин (од 2012 година) е неуставен зашто тој веќе имаше два четиригодишни мандати од 2000 до 2008 година, а во меѓувреме беше и премиер. Но Русија во времето на Медведев го промени Уставот зголемувајќи го претседателскиот мандат на шест години, што му овозможи на Путин повторно да се кандидира и да остане на власт до 2024 година.

И покрај тоа, речиси сите изборни циклуси Путин ги манипулира за да обезбеди победа за кандидатите на неговата партија Обединета Русија. На регионалните и локалните избори во 2013 година, на пример, регистрацијата на вистинските опозициски кандидати беше речиси невозможна. Антикорупцискиот блогер Алексеј Навални сепак на градоначалничките избори во Москва успеа да освои 27 отсто од гласовите, иако немаше пристап до главните телевизиски станици.

СТРАНСКИ АГЕНТИ

Иако ужива речиси 80 отсто популарност, Путин ги прогонува и ги затвора вистинските опозиционери. Панк групата „Пуси Рајот“ ја држеше долго зад решетки, ги негува само своите олигарси, непослушните се или во егзил или во затвор (Ходорковски дури годинава го пушти), а многу учесници во опозициски демонстрации, новинари, интелектуалци, добиваат затворски казни за банални прекршоци.

Откако двајца опозициски кандидати (Лиаскин и Јанускас) пролетва ја објавија својата кандидатура за изборите на советници во Москва следниот септември, режимот ги обвини за наводна измама на донаторите на кампањата на опозицискиот кандидат за градоначалник на Москва, Алексеј Навални, кој се наоѓа во домашен притвор под слични обвинувања. Ако ги осудат, двајцата се соочуваат со 10 годишна затворска казна.

Учесници во масовните демонстрации одржани во Москва на 6 мај годинава под мотото „За Русија без Путин“ беа обвинети за учество во масовно безредие, зашто фрлале празни пластични шишиња, овошје и се соочуваат со казна затвор од осум години! По изборите во 2012 година Путин донесе закони со кои невладините организации кои добиваат странска помош мора да се регистрираат како „странски агенти“.

Истовремено, Кремљ ги помага разните националистички групации кои промовираат ксенофобиjа и лојалност кон државата, меѓу кои Евроазиското движење на Александар Дугин (неформален советник на Путин), чии следбеници негуваат нацистички симболи. Движењето заговара евроазиска руска империја наспроти евро-атлантските интереси, која ги вклучува Крим, делови од Украина и Грузија, што Путин почна да ја реализира, како и турско-арапско-словенска алијанса во Евроазија, идеја која има свои следбеници во Турција на Ердоган и во арапскиот свет.

КЛУЧ НА „РИА НОВОСТИ“

Кремљ ги контролира најважните медиуми во Русија, телевизиите, кои се 90 отсто извор на информации и доминира на интернет. Опозициските политичари имаат пристап само до интернет ТВ каналите како ТВ Дожд, а власта ги обесхрабрува бизнисмените да се рекламираат на вакви медиуми. Путин врши притисок врз медиумските газди, како Алишер Усманов, чие богатство во металната индустрија го прават чувствителен на влијанието на Кремљ.

Неговиот весник Комерсант е се помалку објективен и се повеќе поврзан со Путин, а годинава тој ги сменил главните уредници на Газета.ру и радио станицата Комерсант ФМ. Груевски го копира со Минчо Јорданов, Орце Камчев и нивните медиуми. Со државните медиуми, пак, Путин е подиректен – ја укина РИА Новости, државната агенција со репутација на независен медиум и ја спои со новата Русија.

Денес, дел од државната пропагандна мрежа. Исламистичките веб-сајтови кои објавуваат текстови против Путин власта најчесто ги блокира, а на некои онлајн новински агенции како Росбалт, им ја одзема лиценцата поради обсцен јазик.

КРЕМЉ ШТИТИ МИТОМАНИЈА

Путин не се стеснува во животниот стил. Се разведе од жена му, има љубовница и често е во некое од луксузните ловишта или резиденции. Само одржувањето на неговите 20-тина луксузни резиденции, меѓу кои и империјалната палата во неговиот роден град Санкт Петерсбург, летни резиденции на Црното море, ловечки куќи во руските национални паркови, 58 авиони и четири јахти, чини околу 2,5 милијарди долари годишно. Се разбира, тие се во државна сопственост, но опозицијата го обвинува дека ги користи како свои.

Путин има колекција на рачни часовници во вредност од 700.000 долари. Како и другите автократи, на клучни владини позиции тој ги поставува своите пријатели од детството, поранешните соученици и колеги од КГБ или им доделува бизниси поврзани со извоз на нафта и гас, тендери за градежни проекти. Митото е речиси институционализирано во Русија. Шефовите не ги казнуваат своите вработени за земање мито, туку бараат дел за себе. Кремљ го толерира тоа зашто митото е главен извор на приход за милиони бирократи, чија поддршка е клучна за Путин.

СОЧНИ МИЛИЈАРДИ

Откако Путин дојде на власт во 2000, систематски ја блокира борбата против корупцијата. Во Русија има многу често антикорупциски кампањи, но нивната главна цел е елитата да се доведе во ред за да се спречи мобилизација на опозицијата. Путин потпиша декрет според кој државните функционери мора да ги вратат во земјата банкарските депозити или имотот кој го имаат вон државата или да се откажат од нив. И покрај тоа, има многу корупциски афери во власта, како онаа на Владимир Петкин, претседател на етичкиот комитет на Думата, кој имал имот на Флорида од 1,3 милиони долари и не го пријавил.

За Зимските олимписки игри во Сочи, Путин потроши речиси 50 милијарди долари, а голем дел од парите отидоа за повеќекратно натценети градежни проекти, што служело за корупција на државни службеници. Нешто слично како „Скопје 2014“!

„ОДБРАНБЕН“ ИМПЕРИЈАЛИЗАМ

Путин ја крена руската економија и гордоста на нацијата главно користејќи ги природните ресурси – нафтата и гасот, но неговата суверенистичка и одбранбена политика наспроти Запад, прераснува во империјалистичка, откако почна „да ги брани“ браќата Руси во соседството – Грузија, Украина. По руската анексија на Крим, како и најавите за воена интервенција во Украина, за прв пат по Втората светска војна мирот во Европа е доведен во прашање.

Дури и во воено-неутрални европски држави како што се Финска и Шведска се засилија дебатите за придружување кон НАТО. Членките на Алијансата во соседството на Русија – Полска, Естонија, Латвија и Литванија бараат поголемо присуство на единиците на НАТО, како и американски ракетни одбранбени системи. Европа, пак, е распната помеѓу зависноста од руската енергија и рускиот пазар за своите производи и нема цврст и единствен одговор на империјализмот и авторитаризмот на Путин.

ОРБАН, ГОЛЕМИОТ „ВИКТАТОР“

СТИПЕНДИСТ НА СОРОС, ЉУБИТЕЛ НА ПУТИН

Во минатото Орбан постојано повторувал дека е антикомунист и критичар на рускиот империјализам, поради советската интервенција во Унгарија од 1956 година. Како Соросов стипендист, своевремено го критикувал и авторитарниот курс на Путин и постојано зборувал дека Унгарија нема да стане жртва на руската енергетска дипломатија. Но, во јануари годинава Орбан потпиша договор со Русија за кредит од 10 милијарди евра за доградба на единствената нуклеарна централа. Орбан често говори дека Русија и Кина се алтернатива за развојот на Унгарија.

МЕДИУМИТЕ ГО ШТИТАТ „ЈАВНИОТ МОРАЛ“

Четиригодишното владеење на Орбан има уништувачки ефект врз слободата на печатот. Државните медиуми и порано биле провладини, но Владата на Орбан почнала да ги презема приватните медиуми преку свои бизнисмени, кои добиваат пари од владините реклами. Класична шема! Контроверзниот закон за медиумите од 2010 година ја крена Европа на нозе, но успеа да ги симне само високите казни што ги предвидуваше.

Законот бара од новинарите „балансирано известување“, „јавен морал“ и заштита на „човечкиот дигнитет“. Законот воведе култура на самоцензура карактеристична за комунизмот, каде што заканите за затворање медиуми и високите казни спречуваат критика на владата. Опозициското “Клуб Радио“ остана без лиценца во 2011 година. Нешто како А1 во Македонија.

СТАДИОН НА СЕЛО СО ПАРИ ОД ЕУ

Орбан е градител како и нашиот Груевски. Една од неговите бизарни градби, се разбира со помала помпа од „Скопје 2014“, е фудбалскиот стадион кој никна веднаш покрај неговата летна куќа во Фелчут, регион каде што има само неколку села. Стадионот е со 4000 седишта и чини 17 милиони евра.

Инаку, главните бизниси во Унгарија се во рацете на лојалистите од партијата на премиерот и нејзините сателити. Пред изборите, Орбан ги намали цените на комуналиите (слично на нашиот премиер кој им ги отпишува долговите на сиромашните) и воведе 16 отсто даночна стапка, една од најниските во Европа.

Во Будимпешата, каде што помалку го сакаат, Орбан пушти во употреба четврта метро-линија неколку дена пред изборите. Сепак, за да ги компензира парите од тоа што го истера ММФ од земјата, Владата на Орбан воведе десетина нови даноци, а планира скапо да ги наплаќа корпоративните телефонски разговори, да воведе високи концесии за рудниците и високи давачки за членарина на фирмите во бизнис коморите. (Којзнае какви поскапувања ја чекаат допрва Македонија, а Груевски почна со патарините).И покрај се, 97 отсто од сите државни инвестиции на Унгарија се финансирани од кохезиските фондови на ЕУ!

СВЕТА УНГАРСКА НАЦИЈА

Државата во новиот устав на Унгарија кој го донесе Орбан е дефинирана како „национална суштина“, а во преамбулата се зборува за гордоста на нацијата на етничките Унгарци. Орбан има ревизионистички соништа за Голема Унгарија преку обединување на унгарското малцинство во соседството – 3 милиони.

Неговата партија го доведува во прашање Договорот од Трианон од 1920 година кој ги исцрта границите на модерна Унгарија (тука може да се угледа на Путин). Режимот им издава унгарски пасоши на етничките Унгарци кои живеат во Србија и Романија (за да гласаат како Македонците од Пустец, Гора), а градовите во овие држави ги нарекува со унгарски имиња.

Христијанството со новиот устав е кренато на ниво на национална религија. Во преамбулата има референци за Бог, за христијанството и за татковината, но иако Унгарија е република се споменува и „Светата круна на Унгарија“, верата и култот на Круната на Св. Стефан, национален симбол кој го користеле пронацистичките режими на Хорти и Салаши.

СПОМЕНИК НА ФАШИСТОТ ХОРТИ

Партијата со која раководи Орбан јавно се дистанцира од унгарската ултрадесница – отворено антисемитската партија Јобик, но Орбан не презема ништо против рехабилитацијата на Миклош Хорти, предвоен нацистички унгарски лидер, кому Јобик му изгради споменик во Унгарија, а Евреите потоа ја бојкотираа прославата за чествување на годишнината од Холокаустот. Орбан јавно се оградува, но ништо не презема против говорот на омраза и прогонот на Ромите и Евреите зад што стои ултрадесницата.

Според новиот Устав, бракот е заедница на еден маж и една жена и нема гаранции за заштита од дискриминација на граѓаните според сексуалната ориентација. Ете од кого гледа Грујо!

СКРОМЕН ЖИВОТ, ТАЕН ИМОТ

Истражувачки новинари во Унгарија откриваат се повеќе детали за корупцијата на семејството Орбан. Премиерот и неговото семејство живеат во скромна куќа во убав дел на Буда, а имаат и уште една селска куќа во Велчут. Но фамилијата сепак има многу имот. Жена му секоја година придодава нови и нови хектари земјиште. Се верува оти илјадници хектари земјиште на Орбан се на име на други две лица, негови фронтмени.

Згора на тоа, повеќе министри и пратеници на владеачката партија ФИДЕС имаат луксузни апартмани и куќи во елитниот дел на Будимпешта, кои не можат да си ги дозволат со своите примања. Нешто слично како пратениците и министрите на ДПМНЕ кои тешко можат да ги оправдаат своите нови станови. Фирми на партиски бизнисмени блиски до Орбан добиваат тендери тешки 100-200 милиони евра.

ГРУЕВСКИ, „МАЛИОТ НАПОЛЕОН“

ИЗБОРНА ИЗМАМА

За разлика од Виктор Орбан, кој беше еднаш на власт, па во опозиција, а потоа пак на власт, Груевски досега не изгубил на избори. Предавањето на власта на избори се смета како еден од главните критериуми на демократските општества. ДПМНЕ ги користи сите можни трикови за манипулирање на изборите и изборниот резултат.

Иако ОБСЕ последните изборни циклуси ги оценува како компетитивни и ефикасно спроведени, тие одамна веќе не се „фер и демократски“. Опозицијата нема пристап до мејн-стрим медиумите, корупцијата на гласачкото тело поприма планетарни размери, државата и партијата се сплотени, партиски членови разнесуваат гласачи, избирачкиот список е полн со корумпирани гласачи од дијаспората и фантоми. ДИК нема контрола на издавањето лични карти.

ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИЦИ

Според организациите за човекови права Македонија е држава во која има политички затвореници. Иако има формални обвиненија (некаде и пресуди) за сторен криминал против Љубе Бошкоски, Велија Рамковски, Мирослав Шиповиќ, нивното селективно таргетирање говори за политички мотиви на прогонот. ДПМНЕ ги проскрибира независните интелектуалци и критичарите, професионалните здруженија и невладините организации кои не ги контролира, ги етикетира како странски платеници и домашни предавници, пред се оние поврзани со фондацијата Сорос.

НОВИНАР ВО ЗАТВОР

Режимот ги контролира мејнстрим медиумите – националните телевизиски канали МТВ, Сител, Канал 5, Алфа. Независните Телма и ТВ 24 имаат незначителна гледаност, или пак власта им го отежнува пристапот до публиката. Власта врши притисок врз газдите на медиумите, електронски и печатени, уценувајќи ги со нивните бизниси, да ја усогласат уредувачката политика или да ги сменат главните уредници, да ги избркаат или да ги маргинализираат слободоумните новинари.

Еден новинар кој пишуваше за злоупотребите на власта (Кежаровски) е повеќе од една година во притвор, против десетици новинари и опозициски медиуми – портали и весници, владини или партиски функционери покренаа тужби за клевета и навреда со барање највисока отштета.

ПОБЛИСКУ ДО БОГА

Историјата и нацијата се фундамент во владеењето на Груевски. Режимот ги реинкарнира историските корени на Македонците во антиката, а преку уникатниот споменично-градителски проект „Скопје 2014“ невиден во Европа и карактеристичен единствено за Северна Кореја, кова уникатна над-нација која добива комплекс поради својот идентитет.

Режимот ја користи црквата и религијата за своите партиски потреби. Власта гради крстови и цркви во населбите со македонско етничко население. Кампањата за многудетно семејство кое треба да ја спаси нацијата од исчезнување, ја пропагира со паролата – „со трето дете, поблиску сте до Бога“. Ја држи под контрола црквата и дозволувајќи ѝ да се корумпира (аферата „Изгрев“) ја користи за свои таламбаси. Како и секој автократ, Груевски наскоро ќе почне големи промени на Уставот.

КОРУМПИРАНИ ЕЛИТИ

Партиите на малите етнички заедници – Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, Турците се дел од коалицијата на владеачката ДПМНЕ и, иако не може да се рече оти има отворена дискриминација, факт е оти власта ги држи нивните политички елити на узда, корумпирајќи ги, не дозволувајќи пропорционален изборен систем каде што самите би избрале свои претставници во Собранието. ДПМНЕ ги користи и како контра-тежа наспроти најголемата етничка заедница – Албанците.

Груевски предложи уставни измени за промена на дефиницијата на бракот во заедница на еден маж и една жена. Идејата на оваа промена е да спречи евентуално менување на законот во иднина кој би дозволил еднополови бракови. Во меѓувреме, во Македонија имаше повеќе случаи на говор на омраза, но и насилни дејствија насочени кон геј популацијата.

СИРОМАШЕН ПРЕМИЕР, БОГАТ БРАТУЧЕД

Иако Груевски скромно живее во стан, еден од неколкуте во сопственост на мајка му, корупцијата на режимот, според опозицијата достигнува невидени размери. Аналитичарите веруваат оти легалното бизнис-богатство на неговиот братучед Мијалков е одлична можност за кавер-ап. Опозицијата лиферува бројни афери за непријавен имот – станови на пратеници, партиски функционери, министри, за сомнителни тендери на странски (грчката „Актор“) и домашни фирми („Висарис“).

Со независна ревизија на мега-проектот „Скопје 2014“ лидерот на ЛДП изброја повеќе десетици милиони евра сомнително потрошени пари. За премиерот СДСМ објави и ЦД со телефонски разговор за наводно учество во незаконска продажба на Македонска банка, но обвинителството, судството, најчесто молчат или ги отфрлаат обвиненијата, стрелајќи во опозицијата.

ЕРДОГАН, НОВИОТ „СУЛТАН“ ОД БОСФОРОТ

СИЛУВАНИ ИЗБОРИ

Најлоши избори откако е на власт турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган (од 2002 година) беа последните локални избори пролетва, кои опозицијата ги оцени како брутална изборна кражба. На изборите, за неговата Партија на правдата и развојот (АКП) работел целиот државен апарат, како и во Македонија за ДПМНЕ. Во кампањата, на државен буџет биле ангажирани хеликоптери, авиони и автобуси.

Власта го корумпирала со кеш гласачкото тело. Билбордите во градовите биле резервирани само за АКП. 90 отсто од времето државната телевизија ѝ го посветила само на владејачката партија. Изборните инциденти не можеле да се добројат – запалени гласачки ливчиња фрлени во ѓубре, пристрасно броење, 44 градови во Турција останале без струја во изборната ноќ…

Згора на се, Ердоган доби честитки од иранскиот претседател Рухани, рускиот претседател Путин, азербејџанскиот автократ Илхам Алиев… Во Турција стравуваат што ги очекува на претседателските избори на 10-ти август.

ДОМАШНИ ПРЕДАВНИЦИ

Ердоган го обвини Фетула Ѓулен, исламски клерик и водач на движењето „Хизмет“, дека тој му ги наместил корупциските афери минатата година. Главна беше аферата во која синот на Ердоган и децата на тројца министри биле вклучени во корупциски скандал – зеле мито од неколку милијарди долари.

Ердоган исто така го обвини движењето на Ѓулен, со кое неговата партија беше во коалиција, дека прислушувало илјадници телефони и им ги дало аудио-снимките на медиумите со кои го обвинија за корупција. Снимките се појавија пред локалните избори на 30-ти март, но како и це-дето на Груевски за Македонска банка, не ѝ наштетија на популарноста на Ердоган.

Фетула Ѓулен живее во егзил во Пенсилванија, САД, од 1997 година. Неговото движење пропагира форма на исламот што е граѓанска и има мрежа од бизниси, стотици училишта низ целиот свет и медиуми („Заман“). Ердоган побара екстрадиција на Ѓулен од САД и минатата есен направи чистка во полицијата и во државната администрација од луѓето поврзани со него.

СИКТЕР „ТВИТЕР“

Турскиот премиер се надмина себе си кога неодамна ги забрани Твитер и Јутјуб, кој ја емитуваше аудио-снимката во која на телефон разговара со својот син и му дава инструкции за корупција во бизнис зделка. Ердоган често ги напаѓа новинарите по име откако ќе напишат критички коментар, нешто слично како Груевски, по што некои од нив загубија работа, а некои добија тужби за велепредавство на државата. Најмалку 60 новинари беа отпуштени од работа како одмазда по минатогодишните протести на опозицијата во Гези Паркот во Истанбул.

Фирмите кои имаат медиуми блиски до власта добиваат милијарди долари на владините тендери, а оние кои поседуваат медиуми критички кон власта, добиваат даночни инспекции и плаќаат високи казни. Националната безбедносна агенција без судски налози ги прислушува новинарите што покриваат безбедносни теми. Десетици новинари во Турција се уште се во затвор осудени според антитерористичките закони. Најголемиот дел од нив се Курди, а се верува дека власта ги користи за пазарање во преговорите со курдската ПКК.

ЕКОНОМСКИ БУМ, МЕГА-ПРОЕКТИ

За време на дванаесетгодишното владеење на Ердоган, турската економија доживеа големи стапки на раст, а во 2010 година порасна за фантастични 8,9 отсто. Турција во меѓувреме ги подобри и услугите за граѓаните во здравството и образованието.

За разлика од Груевски, кој допрва ќе гради патишта, Ердоган направи неколку мега-инфраструктурни проекти како што е подземното метро под Босфор, гради мостови, пруги. Сепак, како и кај нас, моделот на економски развој на неговата Партија на правдата и развојот главно се потпира на меѓународни долгови.

Пред изборите Ердоган има желба Турција да биде меѓу 10-те најсилни економии до 2023 година, кога државата слави 100 годишнина од модерната република на Кемал Ататурк. Но, светските економски аналитичари велат дека турската економија почнува да покажува знаци на замор, особено зашто ги губи пазарите во соседството – Ирак и Сирија каде што дивеат војни.

РЕПРЕСИРАНИ МУСЛИМАНИ

Во држава во која што џамија има на секој агол, Ердоган тврди дека муслиманите биле репресирани. Откако дојде на власт АКП, партиска линија е да се обвини Кемалистичката идеологија како исламофобична и одговорна за репресија и дискриминација на верниците муслимани во државната администрација, во бизнисот и во приватниот живот.

По очекуваната победа на претседателските избори, Ердоган планира да го смени Уставот што треба да му овозможи да ги зголеми ингеренциите на претседателот. Ердоган има амбиции да ги обединува муслиманите, особено му се драги оние од Балканот, а деновиве изјави дека и со оружје ќе ги брани оние во Босна.

Инаку, „султанот“ веќе ја направи најголемата промена – откако го исфрли влијанието на турската армија од политичкиот живот. Армијата имаше уставни овластувања да реагира ако режимот ги напушти секуларните и републиканските обележја и ако се сврти кон исламот или кон автократија. Но тоа е сега минато.

Иако во 2002 година изјавувал дека хомосексуалците треба да имаат свои права заштитени со закон, и дека начинот на кој тие во тоа време биле третирани во Турција бил нечовечен, кога дојде на власт Ердоган смета оти хомосексуалноста е спротивна на Исламот.

РАБОТА И САМО РАБОТА

Без оглед каков деспот е, пишуваат неговите критичари, за да ги оствари своите сништа, Ердоган работи дење и ноќе, или остава таков впечаток, односно „работи 24/7“ што би рекле ние во Македонија. На пример, Ердоган му се јавува на сопственик на весник за да се пожали на објавена вест од здравството на стр. 23, пишува стратегија за изборна кампања за претседател на фудбалски клуб и издава наредба да се сруши споменик за кој смета дека е грд! Плукнат Грујо, кој сепак гради а не руши споменици!

Воркохоличниот карактер на Ердоган има огромно влијание врз неговата популарност кај Турците. Кога пролетва во рударска несреќа во Сома загинаа 300 рудари, владините медиуми го фалеа министерот за енергија, Танер Јилдиз, дека „јаде и спие многу малку“ додека ги надгледува операциите за спасување.

Ова, се разбира, за јавноста да не се сети да побара оставка од министерот за рударската несреќа. Провладиниот весник „Стар“ дури порача дека Јилдиз постигнал „зенит на човештина“. Каква сличност со Гордана Јанкуловска, која плачеше и тажеше од душа пред медиумите за загубата на колегите – пилоти од МВР во хеликоптерската несреќа!

Поврзани новости