Петта година по ред Неготино без организиран дочек на Новата година

by fokus

Организираните прослави на градскиот плоштад во Неготино, по повод дочекот на Новата година, веќе петта година по ред не се одржуваат.

Традицијата да се дочека најлудата ноќ во центарот на градот, со музички настапи на пејачи и бендови, штандови со храна и пијалоци и полноќен огномет, и годинава нема да се случи. Градоначалникот д-р Горан Стојанов за ,,Фокус” потврди дека нема да има организиран дочек, а градот ќе бил украсен скромно. Со исти најави излегоа повеќе општини, поради актуелната пандемија со корона вирус, но и поради енергетската криза.

-Минатата година за новогодишно украсување општината одвоила 400.000 денари. Годинава ќе се обидеме да украсиме со оние декорации кои ги имаме, а ако има потреба, ќе одвоиме мала сума за дополнителни украси. Дочек на плоштадот нема да има – појаснува градоначалникот.

Последен пат во Неготино на плоштад организирано се дочека 2017 година. Тогаш градоначалник беше Ванчо Апостолов, а граѓаните ги забавуваше групата ,,Кристал”. Годините пред тоа, настапи имаа повеќе познати музички имиња од земјава, но и од регионот, а на полноќ следуваше огномет.

Кога на функција градоначалник на Општина Неготино дојде Тони Делков, уште првата година го откажа новогодишниот дочек, под образложение дека општината е во лоша финансиска состојба. Изјави дека средства наменети за дочекот ќе бидат пренаменети во хуманитарни цели, односно ќе бидат донирани на семејства или установи каде ќе се утврди дека се најпотребни.

Сепак, на прашањата на ,,Фокус” колку и каде точно тие средства завршија, не успеавме да добиеме одговор, ниту во 2018, ниту пак во наредната 2019 година, кога беше актуелна истата најава, дека ќе нема организиран дочек, а средства од буџетот ќе се донираат.

Сите тие години, освен минатата, кога поради пандемијата немаше организиран дочек во цела земја, неготинчани најчесто славеа на плоштад во Кавадарци, каде традиционално се нуди забавна празнична програма.

Вики Клинчарова

Поврзани новости