Струмичката нафтена компанија „Тритерол Петрол“ склучила десетици договори за јавна набавка во вкупна вредност од околу 2,2 милиони евра, откако нов сопственик станал Љупчо Пецов, осуден за злоупотреби со нафта и нафтени деривати на 9, подоцна намалена на 7 години затвор, пишува најновиот број на неделникот Фокус.
Според Централниот регистар, „Тритерол Петрол“ е основана во 2013 од страна на Лефтер Андонов, кој подолг период е посочуван од опозицијата како близок до СДСМ, поради што, според ВМРО-ДПМНЕ, компании од неговата групација добивале тендери.
Арно ама, тој кон средината на 2018 година почнува да се повлекува од компаниите („Тритерол ДООЕЛ“, „Тритерол Логистик“, „Тритерол Градошорци Василево“), па нов сопственик станува Наце Николов од Радовиш, а управител Живко Андреев од Струмица.
Сепак, Николов во март годинава ја отстапил или продал единствено „Тритерол Петрол“, која од 2015 година поседува лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за трговија на големо со Еуродизел БС, Биодизел, Еуросупер БС 95, екстра лесно и течен нафтен дериват.
Имено, нов сопственик на оваа компанија станува Пецов, и тоа набргу откако ја отслужил затворската добиена во случајот наречен „Керозин“, во чии рамки тој, неговото семејство и уште десетина луѓе добија вкупно 80 години затворска казна.
Патем речено, за вршење на дејноста оваа компанија користи резервоари во Старо Нагоричане, додека со резервоарите на Пецови на Пецови располага компанија со странски капитал.
Станува збор за компанијата „Феникс Оил Енерџи“ формирана на средината на 2018 година со седиште во Неготино, чии сопственици се двајца државјани на Словачка – Ронен Чатлош и Љубомир Томашко, додека како управител се јавува Дејан Неделковски.
Во меѓувреме, односно на почетокот на 2019 година, Пецов ја основал и транспортната компанија „Алма Транспорт“.
Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.