По денешната кривична пријава од Управата за финансиска полиција против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Пеце Мирчевски, во јавноста се откриваат нови детали во контекст на обвинението за несовесно работење во службата.
Имено, Мирчевски во 2022 година престојувал во Софија како новинар, за да известува од заедничката седница меѓу владите на Македонија и на Бугарија.
Поранешниот директор на СОЗР, наводно, се потпишал на документ со кој самиот си се претставил како новинар, заедно со уште петмина во негова придружба, нарекувајќи ги новинари и уплатил од буџетски пари шест еднокреветни соби со полн пансион, наводно да го следат и да ја известуваат јавноста за настанот на 25 јануари 2022 година.
Кривичната пријава за Пеце Мирчевски се однесува за сторени кривични дела: примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата, а за сопственик на фирма од Скопје поднесена е пријава за сторено кривично дело – давање поткуп.