Пеце Мирчевски останува во притвор во „Шутка“

by fokus

Пеце Мирчевски, поранешниот прв човек на Службата за општи и заеднички работи во Владата, останува во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи судија на претходна постапка му го продолжи притворот за нови 30 дена. Информацијата за „Фокус“ ја потврдуваат и од Кривичниот суд.

Пред еден месец Управата за финансиска полиција против Мирчевски поднесе кривична пријава за четири различни кривични дела – примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата.

Како што велат од обвинителството, тој во периодот од 09.06.2021 година до 13.06.2024 година, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики, примил друга корист за себе и за својата сопруга за да изврши службено дејствие кое што не би смеело да го изврши.

Во истрагата е осомничено уште едно лице, сопственик и управител на фирма, која што во пет наврати била избрана за пет јавни набавки.

Од обвинителството велат дека Мирчевски требало да пријави постоење на судир на интереси и да се изземе од постапките за овие јавни набавки, бидејќи во тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга, како користење возила на фирмата за лични потреби.

„Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило ‘Фолксваген пасат’, сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи. Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило “Фолксваген пасат”, како и уште едно возило марка “Ауди Q8”, за што му е поведена скратена постапка и согласно ставот 3 на кривичното дело – Примање поткуп“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Понатаму, велат од обвинителството, второосомничениот, во својство на сопственик и управител на правното лице, во повеќе наврати во период од три години, на службеното лице му давал друга корист за него и за друг за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши, односно да не се изземе од постапките и да ги потпише договорите за јавни набавки.

„Во периодот од 01.01.2022 до 13.06.2024 година, во повеќе наврати, со намера да прибави за себе или за друг противправна имотна корист, осомничениот директор присвоил и пари во значителен износ од 1.792.859 денари. Имено, тој потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство, во кои прикажувал невистинити податоци дека се работи за службени патувања и за службени потреби и цели и со тоа овозможил за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист и го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија за наведениот износ, со што е осомничен дека извршил проневера во службата“, велат од ОЈО Скопје.

Исто така, велат од обвинителството, за првиот осомничен, поведена е скратена постапка и за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик.

„Во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.06.2024 година, во својство на директор и одговорен менаџер на Авио службата при Службата за општи и заеднички работи, тој несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа нанел штета на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 3.444.615 денари. Иако знаел дека пилотот вработен во Службата за општи и заеднички работи не ги исполнува условите за капетан – водач на воздухоплов, му овозможил на лицето да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата за тоа работно место“, се вели во соопштението.

В.В.

Поврзани новости