Петрушевски: За 60 дена видовме дека Спасовски може и полошо

by Fokus

Криминалот буквално метастазира и во овие 60 дена на новиот мандат на Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи, исто како што царуваше криминалот и во претходните четири години од неговиот мандат, рече на прес-конференција Бране Петрушевски, од ВМРО-ДПМНЕ. Тој наведе дека за два месеци се случиле над 3.500 кривични настани и тешки кражби, дека крадците дрско влегуваат вооружени и во банки, а вработените и странките лежат на земја додека тие ги носат парите.

Ако мислевме дека ја видовме неспособноста на Спасовски, од тоа што беа поделени 215 пасоши на белосветски криминалци па до фаќање на полициски началник со дрога од страна на американската ДЕА, сега во овие 60 дена гледаме дека Спасовски може и полошо, рече пратеникот Петрушевски.

-Од јануари до денес на територија во Скопје имаме преку 50 разбојнички кражби како од криминалистичките филмови. Буквално во секоја општина секојдневно криминалците пљачкосуваат со употреба на калашникови, по бел ден ограбуваат продавници, банки, кладилници, приватни бизнисмени, куќи, легнуваат вработени по земја, ги тепаат, ги малтерираат и со парите си одат како ништо да не било. Таков беше и последниот случај со ограбувањето на банка во Скопје во кој учествувале полицаец и наркобос кој требало да биде во куќен притвор, нагласи пратеникот.

Тој го повика Спасовски да каже зошто криминалците се чувствуваат вака слободно и заштитено па прават дрски вооружени грабежи.

-На ниво на цела Македонија за само два месеци има над 3.500 кривични настани и тешки кражби каде Битола и Велес водат по сите параметри, или попрецизно, за овој период од два месеци само во Скопје имало 516, во Битола 300, а во Велес 110 тешки кражби, како и илјадници други дела. Ова е неуспехот на Спасовски, тоа е цената која граѓаните ја плаќаат поради неговата неспособност. Спасовски е одговорен затоа што во Македонија наместо владеење на правото гледаме дивеење на криминалот. Спасовски е одговорен затоа што дел од полицијата е во коалиција со криминалот, а дел е нем сведок на зулумот кој се случува, рече пратеникот Бране Петрушевски.

Поврзани новости