Петрушевски: Ќе се зголеми и реалната вредност на платите, Трендафилов сè уште се води по „како до сега“ и нема анализа за да го базира барањето

by Fokus

Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Бране Петрушевски предложи минималната плата да биде изедначена со приходите на Слободан Трендафилов од ССМ и да се обезбедат привилегии за сите работници. Тој во вчерашното емитување на емисијата „24 анализа“ на телевизија 24 укажа на недостаток на анализа.

Петрушевски истакна дека веќе има зголемувања на платите во здравството, образованието и полицијата, вклучувајќи ја и минималната плата. Тој додаде дека покрај зголемувањето на бројките, се очекува и поголема реална вредност на платите, што ќе го подобри животниот стандард на граѓаните.

„Ќе има поголеми плати. Јас на почетокот реков без грижи кај работниците, ќе има поголеми плати, ќе се зголемат платите, и минималната плата и сите останати плати, веќе се зголемија во здравството, веќе се зголемија во образованието, во полицијата, уште најавуваме зголемување, ќе има. Оваа Влада е решена да го подобри животниот стандард, економијата веќе не е во стагнација, се опоравуваме, и ќе има поголема плата за сите, меѓутоа она што е различно од „како до сега“ е што и вредноста на таа плата ќе биде поголема, не како бројка туку како вредност на она што ќе може да се купи“, истакна Петрушевски.

Петрушевски ја критикуваше иницијативата на лидерот на ССМ за зголемување на минималната плата на 500 евра, посочувајќи дека нема анализа што го поддржува тоа. Тој предложи минималната плата да биде изедначена со месечните приходи на лидерот на ССМ и дека сите работници треба да имаат привилегии како него, вклучувајќи службени возила и шофери.

„Јас се чудам зошто лидерот на ССМ предложил 500 евра плата, некни беа 450 па 500, па 31.000, па сега 550. Вака се иницираат затоа што нема анализа врз основа на коешто ќе го базира тоа барање, прва работа. Втора работа. Зошто 500 евра? Зошто не на пример 1000 евра, зошто не на пример 2000 евра колку што се неговите месечни приходи како синдикален лидер? Зошто тој да биде повеќе платен од работниците коишто ги застапува? Еве, јас предлагам неговите месечни приходи коишто ги има да бидат минималната плата којашто ќе се исплаќа на работниците, плус зголемено од тоа да има службено возило, секој работник како што има Трендафилов, плус службен шофер којшто ќе го вози. Еве, сите работници да го имаат тоа, па тој како лидер да покаже дека се бори вистински за правата на работниците“, вели Петрушевски.

Петрушевски во својата анализа ја нагласи „победата“ која ја остварил синдикатот со измените на Законот за минимална плата од 2022 година. Тој исто така го критикуваше лидерот на ССМ, Трендафилов, за тоа што порано не се жалел на зголемувањето на минималната плата од 2000 денари, но сега ги смета актуелните зголемувања за смешни. Петрушевски нагласи дека оваа позиција на Трендафилов не е заснована на анализа на реалната ситуација.

„Трендафилов молчи неколку години, тогаш не му биле смешни зголемувања од 2000 денари на минималната плата, сега му се смешни од оваа влада, тогаш не му биле. Тоа не било смешно, ама сега е смешно. Кога имаме инфлација од преку 30% за 4 години, на Трендафилов не му било смешно зголемување на 2000 денари плата минимална, а сега кога имаме само 2-3% зголемување на трошоци за една година, му е смешно тоа зголемување. Дали може да се исплати одредена плата? Затоа велам, вие немате анализа“, истакна Петрушевски.

Поврзани новости