Новиот член на Демократската фракција во ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот директор на Државен архив, Филип Петровски, бара радикални чекори од партијата. Смета дека сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ треба да поднесат неотовиклива оставка. Само на тој начин, вели, ќе биде предизвикана власта, која, според него, е нелегитимна.
Петровски вели дека најголемата грешка на раководството во ВМРО-ДПМНЕ е тоа што влегло, како што вели, во тајни преговори со власта на Заев.
-Нашата партија не прави грешки туку прави редици од грешки. Грешките се на секојдневно ниво и се позагрозувачки по интересите на партијата, членството и иднината на државата. Загрозувањето тргна од тајните преговори со Заев. Како што гледам преговорите финиширале на обострано задоволство на Заев и Мицкоски. Изјавија дека партиските комисии се договориле за се и сега ќе ги усвојуваат реформските закони. Во меѓу време ради театар за македонската јавност ќе се правела интерпелација. Не г-дине Заев и г-дине Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ не треба да ви направи интерпелации, ВМРО-ДПМНЕ не смее да го признае Џафери за легитимен, затоа што не е избран со 61 пратеник – изјави Петровски на денешната прес конференција на Фракцијата на која беше соопштено за нејзино окрупнување.
Како што велат од фракцијата, формирање на нова партија не доаѓа во предвид, затоа што нивна матична партија е ВМРО-ДПМНЕ. Остануваат таму за да ја реформираат и демократизираат.
-Најавувам дека ќе се придружат нови членови, граѓански здруженија принудени да се формираат затоа што не можат да се изразат во ВМРО-ДПМНЕ. По кратко време ќе станеме доминантна структура. Ние сме сите од ВМРО-ДПМНЕ, тоа што не можеме да се изразиме во внатре партиските органи, не принудува да комуницираме со членовите на овој начин – рече Петревски.
Од Фракцијата бараат промена на статутот и за изборот на лидерите да одлучува членството.
-Нашата партија е безидејна, да се обединиме со една цел, спас и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, промена на статутот, месните комитети да ги избираат општинските комитети. Тука сме многу луѓе од ВМРО-ДПМНЕ кои сме различни по делување и по идеја, но цело е кога има се. Во една партија треба да има и различности, тоа не ни смета, наша цел е платформата која ја пропагираме да успее – рече Александар Коневски.