Филип Петровски кој попладнево поднесе кандидатура до неговата матична партија за претседателски кандидат во изјава за „Фокус“ вели дека логично е во претседателската трка да влезе како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а не независен, бидејќи веќе 30 години е член на таа партија.
-Исто така, сум дел од движењето „Македонија блокира“ и мислам дека тоа е добар спој на 80 невладини, граѓански организации и десно ориентирани опозициски партии. Мислам дека тоа ќе биде добар спој со ВМРО-ДПМНЕ да се формира силен десничарски единствен блок кој сигурно ќе донесе победа, вели Петровски.
На прашањето дали смета дека има шанси да биде избран од партијата како претседателски кандидат со оглед дека не е во добри односи со раководството и ја критикува неговата политика, тој вели дека ова е шанса Христијан Мицкоски да покаже дали има демократски капацитет.
-Од наша страна сега му е дадена шанса да се вразуми и ако се покаже како демократ сигурно ќе го победиме Заев, смета Петровски.
К.С.