Петровски: Мицкоски сака да си создаде алиби пред членството, затоа излезе на протест

by fokus

Поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, вели дека протестирањето на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, не е искрено. Според него, Мицкоски се приклучи на протестите пред Собранието денеска само за да си создаде алиби пред членството дека наводно, вели Петровски, нема намера да го премолчи менувањето на Уставот.

-Мислам дека ова што го направи Мицкоски е само алиби. Тој ќе немаше простор за менавар ако не излезеше на протестот што го организираме ние. Во спротивно ќе дојдеше во ситуација да го потврди она што го велеше Хан, дека нема да пречи на постапката додека не помине промената на Уставот. Се до денеска немаа никаква активност, а сега само прават алиби пред членството кое е длабоко разочарано – вели Петровски.

Тој посочува дека мал дел од приврзаниците на партијата му се придружиле на Мицкоски во протестот, односно со него биле само стотина лице, јадро вработено во штабот на партијата. Дека е разочарано членството на ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, покажува фактот дека само 5 отсто од членовите го ажирирале своето членство во партијата.

-Раситнувањето доведе до паника. Поделбата е еминентна, верни на Мицкоски му останаа само клиентелистите– смета тој.

Петровски очекува денеска да бидат изгласани уставните измени, имајќи предвид дека опозицијата нема да учествува во дискусијата и расправата ќе биде пократка од очекуваното. Доколку дојде до тоа, вели тој, движењето „Македонија блокира“ нема да ги признае измените и во иднина ќе бара поништување на оваа одлука.

Поврзани новости