Петровски: Мицкоски одработи за бегството на Груевски

Груевски сакаше бледа копија за да не избледи неговиот ореол на „чувар на нацијата“ и втемелувач на „Александровата традиција“, вели тој за Фокус.

by Фокус

Со Христијан Мицкоски не започнува нова развојна фаза на ВМРО-ДПМНЕ, туку се означува продолжение на ерата на претходното раководство, вели во изјава за неделникот Фокус Филип Петровски, во пресрет на Конгресот на кој се очекува Мицкоски да биде реизбран за партиски лидер.

-Тој беше поставен на наместен Конгрес во Валандово за да ги заштити интересите на претходното раководство и да слуша безпоговорно. Се сомневам дека „дилот“ оди дотаму дека „отепувањето“ на партијата на ваков начин беше предуслов за да може да избега Никола Груевски од Македонија, како и да се одолговлечуваат во бесконечност, до застарување, судските процеси против тимот на Груевски за корупција – обвинува Петровски.

Притоа, тој смета дека Мицкоски е, како што вели, продолжена рака и бледа копија на поранешниот партиски лидер и премиер Груевски.

– Со Љубчо Георгиевски не можам да го споредувам, но Груевски сакаше таква бледа копија за да не избледи токму неговиот ореол на „чувар на нацијата“ и повторен втемелувач на „Александровата традиција“. Триесет години по независноста не остана ништо ни од ВМРО ниту од било каква здрава историска заоставштина. Жално! – вели поранешниот претседател на вмровоската младина, пратеник, конзул во Њујорк и директор на Државниот архив.

Петровски, кој беше дел од веќе згаснатата иницијативата за промени во ВМРО-ДПМНЕ, го обвинува Мицкоски и за промената на името и бришењето на АСНОМ.

-Неспособноста да се спротивстави како опозиција на целосното разградување на Македонија кулминираше со губењето на претседателските и парламентарни избори. На тие избори, правилното раководење на партијата и заштитувањето на интересите на државата и народот требаше да резултира со победа и бришење на СДСМ од регистарот на партии. Наместо тоа, СДСМ непречено владееше – смета Петровски.

Според него, резултатот на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори не е успех и заслуга на Мицкоски, туку, како што вели, се работи за „среќна околност“ за партијата од причина што народот се уморил од, како што вели, глупостите на Зоран Заев, Венко Филипче, Мила Царовска…

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

В.С.

Поврзани новости