Вработени во Министерството за одбрана биле повикувани на разговор од претставници на Службата за воено разузнавање и безбедност за да дадат изјава зошто учествувале на протестите „Правда за Фросина“ и дали тоа значи дека биле против Владата. Ова се случило после првиот одржан протест, објави пратеничката Славјанка Петровска – екс министерка за одбрана.
– Вчера, неколку вработени, истотака од претставници на Службата, биле опоменати “да внимаваат на што ставаат лајк и да не поддржуваат самонаречени жртви”. Во услови на сложени геополитички односи и засилени активности на нашата територија на разузнавачки служби кои не се НАТО членки, чуварот на столчето во министерството за одбрана Мисалјовски вака ги поставува приоритетите. Вака горди не се станува! – наведува Петровска.
Многу скоро, со име и презиме, ќе ги објавам сите скандали на партиски притисоци врз вработените и професионалците во Министерството за одбрана и Армијата – стои во објавата на Славјанка Петровска.